Вучиќ: „Водоснабдувањето, канализацијата и здравството се приоритети на мојата програма како премиер“

by irena 22:36
22:36

Носителот на листата „Обединета Србија“ – Александар Вучиќ, вечерва изјави дека негови приоритети, доколку биде избран за премиер на Србија, ќе бидат водоснабдувањето, канализацијата и здравството, бидејќи смета дека тоа е најважно и најзначајно за граѓаните на Србија.

Вучиќ рече дека за реконструкција на здравствените установи ќе бидат издвоени до две милијарди евра, а дека решавањето на прашањето за водоснабдување и канализација ќе чини десетици милијарди.

„Долго размислував за тоа што е најважно за луѓето. И, покрај зачувувањето на мирот и стабилноста, воената неутралност, почитувањето на себеси на меѓународно ниво, заштитата и почитувањето на себеси и на другите на регионално ниво, мора да го направите она што е најважно за луѓето. И дојдов до неколку работи што ги сметам за најважни. Одлучив дека тоа се водоснабдувањето, здравството, канализацијата, решавањето на проблемите на секое село, секое предградие, на сите наши градови, ако сакате, или на голем дел од нашите градови – она што го мачи обичниот човек, она што е важно за обичниот човек“, рече Вучиќ.

Тој исто така рече дека проблемот со канализацијата постои речиси насекаде во Србија.

„А очекував дека тоа ќе оди многу побрзо; за жал, тоа не беше можно. Помалку поради парите, а повеќе поради некои други работи за кои постои наша вина, како и вина на некои други“, рече Вучиќ.

Што се однесува до водоснабдувањето, Вучиќ нагласи дека тоа прашање треба да се реши во рок од осум до девет години, под услов веднаш да се започне со работа.

„Тоа е огромен проблем, ужасно голем проблем со кој никој не се занимавал 70 или 80 години. Сега, во овие нови услови на климатски промени, се соочуваме и со дополнителни проблеми, како пресушување на бунарите и безброј други работи на кои не сме сметале, а кои сега мораме да ги решаваме на сосема поинаков начин. А колку ќе чини тоа? Десетици милијарди. Затоа реков дека е потребно повеќе време“, истакна Вучиќ.

Тој рече дека многу луѓе мислат оти тоа е едноставно, но дека, исто како и со канализацијата, ситуацијата е поинаква.

Слични вести