Вучиќ: Студентското движење врши притисок врз политичките партии да не учествуваат на изборите

by irena 14:54
14:54

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес го обвини студентското движење дека врши притисок врз сите политички партии да не учествуваат на изборите закажани за 25 октомври.

„Мило ми е што гледам дека постојат опозициски партии – за чии лидери имам најлошо мислење – кои имаат некаква храброст и лично достоинство и нема да дозволат некои луѓе да им забранат да се кандидираат само затоа што мислат дека се од Бога дадени, затоа што сметаат дека тоталитарна идеологија треба да управува со целото општество во кое никој не смее да им каже ништо поинакво“, изјави Вучиќ за телевизијата „Информер“.

Тој рече дека многумина му „застанале на патот“ (му се спротивставиле) само со одлуката да не бидат „кукавици и да се држат настрана од изборите“.

„Дури и нивниот прв на листата не е помлад од мене; студентската листа нема работници, селани или студенти, освен оние што спроведуваа револуции на факултетите“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека студентите кои ја спроведуваат блокадата имаат целосно бесмислени одговори за односот на државата кон Република Српска и Косово и додаде дека „многу луѓе мислат оти со земјата треба да управуваат оние што се најлоши, и тоа без никаква програма“.

Тој рече дека ќе се обиде да води „позитивна“ предизборна кампања и најави дека ќе претстави планови, но дека нема намера да се пресметува со политичките противници.

Најави дека во сабота наутро ќе започне со „пробна кампања“, додавајќи дека ќе оди „на пазарите и во продавниците за да разговара со луѓето“, по што во понеделник или вторник ќе отпатува за Њујорк, каде што се очекува да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Кога ќе се вратам – за да ги усреќам сите нив – ќе поднесам оставка. За нивна несреќа, не ме соборија ниту на улица ниту на избори; тоа го направив самиот, а ќе видиме што ќе се случи на изборите“, рече Вучиќ.

Слични вести