Обвинителите кои ја истражуваат тешката сообраќајна несреќа во Романија, во која загинаа седум грчки навивачи, потврдија дека возачот на минибусот управувал со возилото под дејство на алкохол и дрога, објавија романските медиуми.
Според официјалните резултати од Националниот институт за судска медицина, возачот пред да седне зад воланот консумирал канабис, кокаин и алкохол.
Во однос на хипотезата дека движењето на минибусот било нарушено од системот за „помош при одржување лента“, обвинителите наведуваат дека нема информации кои го потврдуваат тоа сценарио.
„Се спроведува истрага за сторени кривични дела телесна повреда од небрежност и убиство од небрежност. Во овој случај, Институтот изготви извештај од токсиколошка анализа за утврдување на присуство на психоактивни супстанции во крвта на возачот. Резултатите потврдија присуство на две психоактивни супстанции – канабис и кокаин, како и присуство на алкохол. Пронајдени се и два плика за кои постои сомневање дека содржат психоактивни супстанции, но за нив сè уште нема официјални резултати“, изјави Берта Серена Константинеску, портпаролка на Обвинителството при Судот во Лугој.