Во акција на црногорската полиција и американското ФБИ во Котор, уапсен е припадник на Иранската револуционерна гарда, Амир Барати (39), кој е обвинет од САД дека ја оштетил инфраструктурата на САД со хакерски напади за 3,4 милијарди долари.
Во соопштението на црногорската полиција се наведува и дека уапсениот Амир Барати е обвинет за кривични дела заговор за извршување компјутерска измама и компјутерско хакирање, како и кражба на идентитет.
„И ова на начин што од 2013 година, како соработник на правно лице од Иран, извршил масовни хакерски напади врз инфраструктурата на САД, врз повеќе од 150 универзитети во САД, предизвикувајќи штета проценета на повеќе од 3,4 милијарди американски долари“, се наведува во соопштението на црногорската полиција.
Се додава дека украдените податоци, како и пристапот до компромитирани универзитетски сметки, биле користени од страна на Иранската револуционерна гарда и други ирански корисници, вклучувајќи универзитети со седиште во Иран.