Во Тирана одржан најмасовниот протест, учествуваа 250 илјади демонстранти, меѓу нив и Албанци од дијаспората

by irena 09:42
09:42

Во Тирана викендов се одржа 21-от протест против проектот „Зврнец“, кој организаторите го оценија како најмасовен досега. На собирот учествуваа граѓани од Албанија, како и Албанци од соседните земји и дијаспората во западноевропските држави и САД.

Според слободни процени, на протестот присуствувале околу 250 илјади луѓе. Демонстрантите повторно побараа оставка од премиерот Еди Рама, стопирање на проектот во Зврнец и Сазан, поништување на законот од 2024 година што дозволува градба во заштитени подрачја, како и укинување на законските одредби за стратешки инвеститори.

Откако се собраа на плоштадот Скендербег, учесниците маршираа до зградата на Владата, каде што повеќе говорници им се обратија на присутните.

„Дијаспората дојде затоа што ова е и нејзин двор. Заедно ќе излеземе како победници и ќе ја изградиме оваа земја“, порача еден од демонстрантите.

По повеќе од два часа обраќања, протестот продолжи со марш низ центарот на градот, покрај Владата и објектот „Пирамида“.

Помала група демонстранти ја помина ноќта пред владината зграда, упатувајќи порака и до Еди Рама и до опозицискиот лидер Сали Бериша да се повлечат од политичката сцена. Учесниците предупредија и на можна радикализација на протестите доколку нивните барања не бидат исполнети.

Слични вести