Во Собрание се потврди дека оваа Влада нема легитимитет и е моноетничка, соопштија од Алијанса за Албанците откако денеска Собранието не ги донесе измените на Изборниот законик.
„За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа Влада доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа Влада нема бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“, велат од АА.
Од партијата ги повикаа партиите на Албанците што се во Владата да го напуштат овој, како што велат, вазализам и да ја прочитаат волјата на Албанците.
„Треба да го прифатат фактот дека немаат потребен легитимитет да останат таму каде што се, потчинети и понижени секој ден“, велат од Алијанса.
Инаку, Собранието со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан при првото изјаснување ги изгласаа измените на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори.
Но, на гласањето според Бадентер измените не поминаа, бидејќи од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“.