ВМРО викендов ќе пресече за Град Скопје – Ѓорѓиевски пред официјална кандидатура за градоначалник!

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, се очекува на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во недела да биде потврден како кандидат за градоначалник на Скопје, велат партиски извори.

by vlatko 18:33
18:33

ВМРО-ДПМНЕ во недела ќе одржи седница на Извршниот комитет, на која, меѓу другото, владејачката партија треба да донесе одлука за кандидати за градоначалници на повеќе преостанати општини, вклучително и за Град Скопје.

Според неофицијални информации на „Фокус“, се очекува партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски да соопшти дека во трката за главниот град ќе влезат со Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС.

Во врска со тоа, упативме прашање до Ѓорѓиевски, но досега не добивме коментар. Инаку, тој подолго време отворено изразува амбиција да се кандидидра за градоначалник на главниот град, а тоа не го криеше ниту во неодамнешното интервју за „Фокус“.

Јас, мојата амбиција, со оглед на тоа што сум претседател на ЗЕЛС, ја изразив уште пред повеќе од една година. Сметам дека доста сработив во општината, дека имаме резултати позади себе, енергија, тим… Но, пред сѐ, имам и концепт како треба Скопје да изгледа во перспектива, како градот треба да се среди за релативно кратко време.

Мислам дека и тоа изминатиов период го поздравуваат и граѓаните од кои ја добивам сериозната поддршка. Така што, не ја криев ни во минатото, ниту сега амбицијата за градоначалник на Скопје – рече тој во интервјуто пред неколку месеци, притоа додавајќи дека кој и да биде кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.

Покрај него, потенцијален кандидат за градоначалник на метрополата беше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој денеска на прес-конференција изјави дека се уште нема официјална информација за тоа кој ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

Во недела 12:30 има состанок на Извршниот комитет и очекувано е, меѓу другите имиња, да се соопшти и кандидатот за градоначалник на Град Скопје. Не само за Орце, за кој било кандидат поддржан од партијата тоа е огромна чест и ќе ја има мојата целосна поддршка.

Јас навистина дадов се од себе во делот на она што можам да го направам од овој ресор, но фокусот не беше на кандидатура за потенцијален кандидат. Тоа е принципот по кој јас работам – изјави Перински, одговарајќи на новинарско прашање дали би го поддржал Ѓорѓиевски ако биде избран за кандидат?

На претходните избори, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа Данела Арсовска, која победи и стана градоначалничка на Скопје. Меѓутоа, односите меѓу неа и партијата набргу беа нарушени, па од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати истакнуваа дека на овие избори ќе истрчаат со партиско решение.

Во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ објави кандидати за градоначалници на повеќе општини, но за Град Скопје и за други општини се очекува официјална одлука во недела. Исто така, и СДСМ во неколку рунди објави со кои адути ќе истрча во повеќе единици на локалната самоуправа, но се уште тактизира со кандидатот за Скопје.

Уште во февруар годинава, „Фокус“ објави дека партиското раководство на чело со Венко Филипче, покрај неколку партиски кадри, на ум за оваа трка го има архитектот Мишко Ралев, кој, според последните сознанија, наскоро треба да биде и официјално промовиран.

Можни градоначалнички битки за Скопје: Кои се главните адути на ВМРО и СДСМ за главниот град?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести