ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче дека со ургенции и притисоци сакал да ја преземе приватната клиника „Жан Митрев“. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција кажа дека Филипче, во периодот додека бил министер за здравство, со помош на поранешниот премиер Зоран Заев, се обидел да го одземе сопствеништвото врз болницата од кардиохирургот Жан Митрев.
„Преку институциите на Митрев му биле блокирани личната сметка и сметката на болницата, а притисокот одел дотаму што имал и забрана за продажба на истата. Во своето сведоштво Митрев вели дека откако одредени поединци од тогашната власт, тука секако се мисли на Заев и Филипче, изразиле желба да му ја одземат болницата, по само една недела Јавното Обвинителство му ја отстранило забраната. Како е ова можно се прашуваме? Исто така, др. Жан Митрев обелоденува дека сакале да му ја откупат болницата, по цена далеку пониска и од реалната и од пазарната“, рече Стојаноски.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Јавното обвинителство да го истражи случајот.
„ВМРО-ДПМНЕ е згрозено од тоа до каде Филипче заедно со менторот Заев, биле спремни да одат само за да се збогатат. Додека луѓе умираа секојдневно од Ковид кризата, за којашто Филипче и Заев не обезбедија вакцини навремено, тие се занимавале со сценарија за одземање на сопствеништвото на Жан Митрев во истоимената болница. Наместо да мислат на добробитот на граѓаните, за ова дуо слушаме:згради, автокомпании, авиокомпании, анекси, договори, тендери, набавки, па сега и болници“, додаде Стојаноски.