ВЛЕН на 9 мај станува единствена партија, Меџити и Касами ќе бидат копретседатели

by irena 20:04
20:04

Коалицијата ВЛЕН на 9 мај и официјално ќе прерасне во единствен политички субјект, со што досегашната коалициска структура ќе се трансформира во една политичка партија. Како што беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите, копретседатели на новата партија ќе бидат Изет Меџити и Билал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали.

Новиот политички субјект, како што најавија од ВЛЕН, ќе биде организиран со пет потсекретаријати, при што ќе се задржи рамномерна распределба од по 20 отсто за сите пет политички партии што моментално ја сочинуваат коалицијата.

Од ВЛЕН очекуваат по формализирањето на партијата да им се приклучат и други политички субјекти, организации и поединци, при што велат дека вратите ќе бидат отворени за сите, освен за Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од коалицијата оценуваат дека по 9 мај ќе започне ново политичко преструктурирање во албанскиот политички блок и изразуваат уверување дека значителен дел од членството и структурите на ДУИ, особено од вториот и третиот ешалон, ќе преминат во ВЛЕН.

„Ќе ги отвориме вратите по 9 мај и ќе видиме кој ќе се приклучи. Поканата е отворена за сите. Европскиот фронт веќе не постои, а ВЛЕН нема да остане само на сегашниот состав, туку ќе расте. Отворени сме за сите освен за ДУИ. Голем дел од ДУИ, не зборувам за оние со кривични пријави, туку за луѓето од вториот и третиот ешалон, мислам дека ќе преминат во „Вреди“, велат претставници на коалицијата.
Според нив, по формализацијата на новата партија, во албанскиот политички кампус ќе останат само две доминантни политички сили – ВЛЕН и ДУИ.

„По 9 мај ќе останат само две политички сили во албанскиот кампус – ВЛЕН и ДУИ. Сигурни сме дека ќе ни се приклучат и ќе нè поддржат и оние гласачи кои досега се двоумеа, мислејќи дека коалицијата ќе се распадне“, додаваат од ВЛЕН.

Во однос на најавите за владина реконструкција, од коалицијата потврдија дека таа ќе се реализира согласно владината програма и поставените политички цели.

„Реконструкција ќе има, согласно програмата на Владата. Во зависност од целите што ќе се постават, ќе се одлучи дали ќе има потреба од дополнителни пратеници“, велат оттаму.

Од коалицијата се осврнаа и на можните измени на изборниот модел, при што нагласија дека се залагаат за отворени листи, но дека се уште имаат резерви околу предлогот за една изборна единица.

„Според досегашните сигнали, постои политичка волја за една изборна единица, но ние имаме повеќе дилеми и прашања околу тоа решение. Како политички субјект сме за отворени листи, додека за една изборна единица се уште ги разгледуваме сите аспекти“, додаваат од коалицијата.

Слични вести