Владата за 430.000 евра ангажираше фирма која ќе следи што медиумите објавиле за нејзината работа

by irena 13:46
13:46

После пропаѓањето на првиот повик, Владата успешно го реализираше вториот повик за изработка на софтвер за оцена и контрола на медиумското влијание.

Тендерот за изработка на софтвер за оцена и контрола на медиумското влијание е вреден 26.415.480 денари, односно околу 430.000 евра, а го доби фирмата „Клипинг Скопје ДООЕЛ“.

Нејзините услуги ги користел државниот ЕСМ во 2014,2015 и во 2016 година кога директор беше сегашниот премиер Христијан Мицоски.

Се работи за „прес-клипинг “софтвер, кој веќе постои во светот но, Владата сака да го има во свој посед. Од него, преку извештаи, Владата, министерствата и други државни институции ќе се информираат што новинарите пишуваат за нив и сите вести ќе се оценуваат дали се позитивни, негативни или неутрални, а ќе се прибираат и податоци за авторите.

Сепак, во тендерските критериуми огласот е спакуван како „софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како и социјалните мрежи“.

Софтверот ќе го користат триесетина државни институции и министерства а треба да се собираат вестите по претходно договорени зборови или термини од телевизиите, печатени медиуми, онлајн медиумите односно порталите и социјалните мрежи.

Исто така, се бара да има дневен извештај за тековниот ден најдоцна до 9 часот наутро следниот ден каде ќе бидат собрани сите податоци, кои теми се обработувани, од кои медиуми, кога е објавено, линк до објавата, наслов, автор, кратка содржина, транскрипција на видео прилози…
Софтверот ќе ги следи и контролира телевизиите, печатените изданија, интернет-порталите, како и објавите на социјалните мрежи – Фејсбук, Твитер (Х), Инстаграм, Јутјуб, ТикТок, Линкедин и други платформи каде што се формира јавното мислење.

Владата и министерствата имаат ангажирано најмалку 150 лица за пиар, односи со јавност и комуникации, од кои 40-тина се во службите на Генералниот секретаријат во Владата и во Кабинетот на претседателот на Владата.

Но, ниту овие 150 лица не и се доволни на сегашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги анализираат вестите, истражувањата и сториите кои се однесуваат за работата на сите владини министри, агенции и тела.

Според Владата преку овој софтвер ќе се креираат политики за доброто на јавноста и на граѓаните, но и дека преку медиумските написи ќе се воочуваат грешките во работењето на институциите што е малку веројатно со оглед дека досега ниту една институција или министер после одреден новинарски напис не признале дека работеле погрешно.

Владата во деновитре на жалост поради трагедијата во Кочани склучи тендер тежок речиси 23 милиони денари за „истражување на јавното мислење“, а пред месец дена за „промоција на проектите на Владата” вреден над 23,6 милиони денари.

Орце Костов

Слични вести