Владата и Обвинителството ги кријат резултатите од анализата на водата во Гостивар

by irena 17:16
17:16

И покрај тоа што беше одржана посебна прес-конференција, државните институции не ги објавија резултатите од анализите на водата во Гостивар, иако тие веќе се доставени до Јавното обвинителство. Во меѓувреме, бројот на граѓани кои побарале здравствена помош поради гастроентеритис надмина 3.100.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека Министерството ги поседува резултатите, но тие нема да бидат јавно објавени без согласност од Јавното обвинителство.

„Наодите се доставени до Обвинителството на нивно барање. Штом добиеме дозвола, ќе ја информираме јавноста“, рече Клековски.

Од Јавното обвинителство соопштија дека предметот е во фаза на предистрага и дека се собираат докази за утврдување на евентуална кривична одговорност, поради што засега не откриваат детали.

И директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, потврди дека анализите на четирите земени мостри од водата се целосно завршени и предадени до Обвинителството, но не ги соопшти нивните резултати.

Клековски информираше дека досега се евидентирани 3.100 здравствени контакти, од кои вчера биле регистрирани 564 нови случаи. Во болница моментално се хоспитализирани тројца возрасни и едно дете, а кај најголемиот дел од пациентите симптомите се стомачни тегоби, со ретка појава на температура.

Министерот истакна дека Комисијата за заразни болести ќе излезе со дополнителни препораки за населението и нагласи дека овојпат, за разлика од епидемијата во 2017 година, институциите ќе ја утврдат точната причина за загадувањето.

Пред неколку дена инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со полицијата и Министерството за животна средина, утврдија дека на главниот водоводен цевковод била нелегално поставена пумпа која вбризгувала вода од реката Вардар. Од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, пак, тврдат дека нивните анализи покажале оти водата била исправна за пиење.

Во меѓувреме, Центарот за јавно здравје – Тетово прогласи епидемија на гастроентеритис во Гостивар, откако бројот на заболени значително се зголеми.

Слични вести