Собранието денеска ќе одлучува за изборот на Зулфикар Зејнула за нов министер без ресор во Владата, по предлог на премиерот Христијан Мицкоски.
Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците, која неодамна склучи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Партијата во Собранието ја претставува пратеникот Бејџан Иљас.
Во периодот од 2021 до 2024 година беше заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, претходно беше советник во Советот на Општина Гостивар и работеше во правниот сектор на Демократската партија на Турците. Бил член на повеќе комисии поврзани со локалната самоуправа, управувањето со кризи и проценката на ризици, а од Република Турција е одликуван со државно признание за исклучителна пожртвуваност.
Тој е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност во Битола и зборува турски, македонски, албански, германски и српски јазик.
Неговиот избор доаѓа по реконструкцијата на Владата на 13 јули, кога беа избрани осум нови министри и еден министер без ресор.