Вкрстено испрашување на градежниот вештак – Продолжува судењето за трагедијата во „Пулс“

by irena 10:38
10:38

Со дополнително и вкрстено испрашување на градежниот вештак Петре Русески, денеска продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Рочиштето се одржува во судницата во затворот „Идризово“, во рамки на постапката што ја води Основниот кривичен суд Скопје.

Пред почетокот на судењето, Александар Наунов, родител на едно од загинатите лица, во име на семејствата на жртвите изрази поддршка за работата на Јавното обвинителство. Тој оцени дека на претходното рочиште, при вкрстеното испрашување на вештакот на одбраната, биле отворени сериозни прашања и противречности во неговиот исказ.

Наунов нагласи дека стручните мислења во судската постапка мора да се темелат на објективни и проверливи факти. Според него, процесот не е само прашање на утврдување правна одговорност, туку и борба за вистината и правдата за загинатите.

„Во судница во која се одлучува за одговорноста за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите, за селективно толкување на доказите или за обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило“, порача Наунов, изразувајќи очекување обвинителството да продолжи со доследно и професионално постапување.

Тој потсети и на болката на семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагедијата, нагласувајќи дека зад правните аргументи и доказите стојат 63 загубени животи и неостварени иднини.

На претходното рочиште, градежниот вештак Петре Русески остана на ставот дека, од градежен аспект, објектот одговарал на својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи. Тој го изработил вештачењето за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети.

Обвинителството, пак, отвори прашања поврзани со опфатот на вештачењето, безбедносните аспекти на објектот и претходните професионални ангажмани на вештакот.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна за време на концерт на групата ДНК на 16 март 2025 година. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Слични вести