Вишото обвинителство ја воскресна истрагата за ,,Мазутот во ТЕЦ Неготино”, ,,оживува” предметот тежок 167 милиони евра

by valentina 11:01
11:01

Вишото јавно обвинителство ја воскресна истрагата за случајот ,,Мазутот во ТЕЦ Неготино”, односно ја укина одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ за запирање на истрагата. Ова значи дека предметот е вратен назад во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на повторно постапување.

По овој предмет во Вишото обвинителство постапуваше вишиот обвинител Јован Цветановски, кој сега и даде насоки на обвинителката Коларевиќ.

-Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино. Со одлуката, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување, велат од Обвинителството.

Оттаму констатирале слабости во вештачењето.

-Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.

Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност, велат од Обвинителството.

Инаку еден од главните аргументите на обвинителката Катерина Коларевиќ ​за запирање на истрагата за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, беше дека ЕСМ не пријавило штета.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.

В.В.

Слични вести