(ВИДЕО) „Живеам за борбата мојот Александар да знае од кого загинал“: Потресен говор на еден од родителите од Кочани пред Собранието

by irena 16:17
16:17

Родител на загинато дете порача дека граѓаните даваат и граѓаните земаат власт, низ солзи кажа дека ова што тие го живеат не е среќа, туку тага и болка.

– Мојот деедо, мојот татко, јас, ние го направивме сите заедно ова Собрание, ако треба да се сруши ќе се сруши, ако треба и повторно ќе се направи, а не да се крадат парите. Не може вака ова, како ние што го загубивме најмилото не дај боже некој да загуби дете, на никого не му посакувам тоа.

Живеам за борбата за правда, живеам за борбата за мојот син Алекснадар да знае од кого загинал. Живеам и ќе се борам и не смеам да умрам додека нема правда. Не сакам да имам грев кон никого но ме принудија тие што се околу мене. Не е ова живот, ова е луѓе болка, ова е трагедија која не уништи сите нас, рече родител чиј син се лекуваше во Литванија заблагодарувајќи им се на граѓаните кои му помогнале додека биле во Вилнус и на сите граѓани кои денес дадоа поддршка за правда.

Над 4000 граѓани им се приклучија на родителите  на загинатите деца на Маршот за ангелите, протестен марш кој денеска се одржа во Скопје во сеќавање на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците се упатија кон парламентот, а маршот заврши  пред Основниот кривичен суд.

Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова беше првиот ваков марш во главниот град, после 30 собири што секоја сабота родителите на загинатите ги организираа во Кочани, поддршката од јавноста беше се помала и беа оставени сами на себе.

Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.

Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени ќе почне на 19 ноември.

текст и видео: Орце Костов

Слични вести