(ВИДЕО) Жена во лоша психичка состојба не била примена во Бардовци, претставува опасност и за себе за семејството

Пациентка била одбиена да биде хоспитализирана во „Бардовци“, а по само еден ден во психијатрискиот оддел во во Градската болница „8 Септември“ била отпуштена бидејќи немале кревети, со што жената е вратена дома кај една од ќерките, која има бебе. Нејзината психичка состојба е лоша, а претставува ризик и за самата себе и за тие што живеат со неа

by irena 10:05
10:05

Од 1 мај, годинава во Психијатриската болница „Бардовци“ не се примаат нови пациенти бидејќи дел од одделите се реновираат, но и немаат доволно кадар, кој ќе работи со нив, што значи дека веќе два месеци дел од пациентите немаат каде да се лекуваат.

Тоа што е уште пострашно е што болницата располага само со 9 психијатри на околу 300 пациенти, а во судскиот оддел, еден болничар и еден техничар се справуваат со 41 опасен пациент. Сè на сè, животот и на пациентите и на вработените е загрозен.

Ова за „Фокус“ при посетата на болницата го потврди и актуелниот директор Иса Авдулаи.

 

Сепак, најголем проблем во моментот имаат пациентите кои никој не ги хоспитализира и кои нема каде да одат, а здравствената состојба им е таква што преставуваат опасност и за нив и за нивните најблиски семејства.

Таков пример е пациентка, која била одбиена да биде хоспитализирана во „Бардовци“, а по само еден ден во психијатрискиот оддел во во Градската болница „8 Септември“ била отпуштена бидејќи немале кревети, со што жената е вратена дома кај една од ќерките, која има бебе. Нејзината психичка состојба е лоша, а претставува ризик и за себе и за тие што живеат со неа, со оглед  на тоа што нејзината здравств ена состојба е непредвидлива.

Екипата на „Фокус“ пред неколку недели успеа да влезе во установата каде што во моментов има 298 лежечки пациенти.

Услови под секое човечко достоинство, прозорци без стакла, руинирани простории, насилство што тешко се превенира поради недостигот од персонал. Живот во хорор и мизерија, пациенти заборавени и од своите најблиски, а како што знаат да кажат дел од вработените, заборавени и од Господ. Некои се таму и по 40 години. Тоа што е уште пострашно е што болницата располага само со 9 психијатри на околу 300 пациенти, а во судскиот оддел, еден болничар и еден техничар се справуваат со 41 опасен пациент. Сè на сè, животот и на пациентите и на вработените е загрозен.

 „Фокус“ го посети и машкиот оддел, кој во моментов се реновира, но, според кажувањата, тоа изгледало како од хорор-филм. Во такви страшни услови, децении живееле пациенти, со што еден од коментарите беше, „тука и животни не смееш да оставиш“. Живееле во распаднати соби, со скршени столчиња, пропаднати подови, трпезарија без основни услови за живот, поточно немале ни вода за пиење.

Во моментов, машкиот оддел се реновира, но повеќето од работите се набавуваат врз основа на донации, со оглед на тоа што никој од власта не се занимава со болницата што го достигнала дното, а и хоспитализираните пациенти во неа.

Сепак, од тоа што успеавме да го видиме, најстрашно е во судскиот оддел, каде што се хоспитализрани дури 41 пациент. Само што влеговме, тие љубопитно следеа што се случува, слободно се шетаа по ходниците, а за нив до два часот во текот на денот се грижат двајца доктори, додека потоа се оставени само на двајца болничари, кои едвај се справуваат, па и не знаат што можат да очекуваат. Само еден болничар и еден техничар се справуваат со реално 41 опасен пациент.

Надвор, пред самиот влез на одделението нè пречека мала куќарка со двајца затворски полицајци, кои на наше изненадување, како што разбравме се задолжени да ги чуваат само пациентите што се во притвор.

Тука се наоѓаат оние што извршиле тешки кривични дела, убиства, а еден запалил дури цело село. Без проблем ни раскажаа дека таму се и по 20 и 30 години, но цело време сите околу нас беа на штрек за да не нè нападнат.

Во една од просториите во која влеговме беа сместени двајцата притвореници, кои таму остануваат доживотно, а затворските полицајци немаа ингеренции за ништо друго што се случува во тој оддел, освен за притворените лица. Во близина можеа да се забележат и траги од камери, кои некогаш функционирале, но самите пациенти ги уништиле за да не се следи што се случува.

–Страшно е тоа што дел од затворените пациенти со закани успеаваат да излезат и да се шетаат слободно, па моравме и со тоа да најдеме начин да се справиме. Имаме соработка со полицијата во Карпош и веднаш штом ќе се случи нешто, јавуваме и тие реагираат, објаснуваат од болницата за „Фокус“.

Љубезниот персонал, кој може да се изброи на прсти, не криеше да ги сподели со нас информациите дека нема кој да работи, дека се оставени сами на себе и дека на сите нив животот им е во опасност.

Преморени, растрчани на сите страни, се трудат со добро да ги фатат пациентите за да нема дополнителни проблеми.

–Нашиот живот тука е во опасност во секое време. Ни недостига кадар, немаме доктори, медицински сестри, болничари. Со секој пациент мора да имаш посебен однос, да ги фатиш со добро, бидејќи на друг начин не може. Ние сме малку, како да постигнеме сè. На една смена има двајца доктори и една сестра на 35 пациенти, објаснуваат дел од вработените со кои поразговаравме.

Тоа што нè шокираше во целата приказна е дека самата Психијатриска болница располага само со девет психијатри, и тоа на околу 300 пациенти. Досега биле поднесени повеќе од осум барања за кадар, но никој од надлежните институции не вратил ништо повратно.

–Оставени сме сами да се снаоѓаме. Жално и за пациентите и за нас, коментираат низ муабет дел од вработените.

Ирена МУЛАЧКА

Слични вести