Венко Крстевски во моментот на трагедијата во дискотеката „Пулс“ беше независен советник во Советот на Кочани. Потоа седум месеци ја презема одговорноста да ја води градот и Општината, во период кој, можеби може да се оквалификува како најтежок за неговите жители. Затоа што требаше да се соземат сите од една ужасна трагедија, најголема во поновата историја на Македонија.
Во разговор за „Фокус“ вели дека кога ќе се направи една ретроспектива во која може да се набројат и причини и последици од една институционална недоследност, поради што и настана трагедијата во дискотеката. Но, се уште не се гледаат капацитети за да се надминат таквите состојби.
„Институциите најпрво имаат проблем во утврдување на своите надлежности. Потоа во своите одговорности. Пред овој настан тие биле индиферентни, односно сите прегледи и проверки што се правеле и на објектот каде што беше сместен „Пулс“ и на други објекти биле колку да се каже и на основа на меѓусебно познавање, бидејќи станува збор за инспектори што се од Кочани. По таа несреќа, ние гледаме дека се уште има многу дивоградби и многу нерегуларни објекти. Пред неколку денови имаше еден инцидент. За среќа неодамна не ескалираше состојбата во Градскиот трговски центар, за да се запали цел станбен блок, се запали само кујна од една пицерија која се наоѓа во посебен простор, а не во рамките на самиот објект каде се наоѓа таа, што законски не е дозволено, а институциите се уште се прават слепи“, вели Крстевски.
Потсетувајќи се на месеците кога ја предводеше општината, Крстевски вели дека се соочувал со сериозни опструкции во Советот, особено од советниците на владејачката партија и во државата. Како што рече – биле против да се донесат инспекциски служби и од други можности бидејќи, било вистинско време од темел да се променат нештата.
„Се соочив со големи опструкции во рамките на самиот совет, посебно од советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Нешто што утврдивме дека сме „тенки“ тоа беа инспекциските служби и од таа причина, јас инсистирав да направиме договори со општини кои сакаат да ни помогнат првенствено во делот на градежната инспекција, бидејќи имаме многу дивоградби, пред се на угостителски објекти. Но, за жал, на двапати Советот гласаше против. Исто така, имав опструкции и од институции на централно ниво, не ни беше дадена согласност да отвориме детска градинка иако во моментот на барањето на согласност имавме 232 деца на листа за чекање. Таа градинка се отвори еден месец по завршување на вториот круг од локалните избори. Нешто што е апсурд“, дециден е Крстевски.
Како што вели, на семејствата на трагично загинатите и повредените во трагедијата во „Пулс“ сакале првенствено дас им покажат дека сакаат да го менуваат системот кој функционирал дотогаш и кој, е причинител за нивната ужасна болкал, тој ги донесе овие жртви. „Ние нема да помогнеме ако се одржуваат некакви манифестации или ако се градат споменици. Само со промена на системот ние, на некој начин, ќе можеме да се оддолжиме кон тие кои трагично го загубија својот живот и со тоа на сите идни генерации да им покажеме дека има перспектива во овој град. За жал, за да се направи тоа, треба да се вклучат сите, не може само поединец – градоначалник на една општина да го менува целиот систем бидејќи сите ние го креираме него“, тврди Крстевски.
Токму затоа, според него на годишнината од големата трагедија треба да се испрати една и единствена порака. „Мора да го менуваме системот, да се менуваме и себеси и системот, ако сакаме да направиме нешто за Кочани и Македонија да бидат подобро место за живеење. Доколку сите заедно, секој во рамките на своите можности не придонесе за менување на системот ќе се случуваат и нови трагедии“, порача поранешниот в,д. градоначалник на Кочани.
Подготвија:
Орце Костов и Зоран Фиданоски