Група студенти најавуваат тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради, како што тврдат од Левица, непочитување на законските одредби за висината на субвенционираниот студентски оброк. Од партијата обвинуваат дека Министерството за образование и наука, предводено од министерката Весна Јаневска, продолжува да го исплаќа студентскиот оброк во износ од 140 денари, иако студентите бараат негово законско усогласување.
На денешната прес-конференција, генералната секретарка на Црвена младина, Марија Ванчева, соопшти дека група студенти претходно поднеле приговор до МОН, со кој побарале да се почитува законски предвидениот износ на студентскиот оброк, како и да им биде надоместена финансиската штета за периодот во кој, според нив, не било извршено потребното усогласување.
Според Ванчева, Министерството не донело управен акт со кој суштински би одлучило по барањето, туку доставило одговор што таа го оцени како паушален.
„Студентскиот оброк не е привилегија што министерката може да ја доделува по сопствена волја, туку законско лично право на секој студент“, порача Ванчева.
Таа смета дека ниту министерката, ниту студентските организации, ниту други групи можат да одлучуваат во име на сите студенти дали ќе ги остваруваат правата што им следуваат со закон.
Од Црвена младина обвинуваат дека МОН со ваквото постапување го избегнува суштинското разгледување на приговорот, наместо да донесе образложена одлука за барањата на студентите.
„Правото на секој студент мора да се почитува поединечно, а не да се релативизира преку договори и ставови на избрани претставници“, истакна Ванчева.
Поради тоа, најавуваат поведување постапка пред Управниот суд и поднесување претставка до Народниот правобранител, со цел да се испита законитоста на постапувањето на Министерството и да се обезбеди заштита на студентските права.
Од Црвена младина порачуваат дека студентите имаат право да побараат институционална и судска заштита доколку сметаат дека законските права им се повредени.
Засега во доставеното соопштение не е наведен конкретниот износ на кој студентите сметаат дека треба да се зголеми оброкот, ниту е приложен одговорот на МОН на нивниот приговор.