Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ објави видео на социјалните мрежи на кое, како што наведува, се гледа вандализирање на објектот на културно-уметничкото друштво „Српски вез“ во Куманово. На објектот биле испишани графити со натписот „УЧК“.
Стоилковиќ оцени дека ваквите инциденти се последица на, како што тврди, ксенофобијата и шовинизмот кои, според него, се засилиле во последните две години, односно од учеството на неговата партија ДПСМ во Владата.
„Ксенофобијата со примеси на шовинизам, константно присутна во јавноста, посебно изразена последниве две години од учеството на ДПСМ во Владата, пропратено со незаслужен молк на јавноста, почнува да дава видливи резултати кои се многу поголеми од самиот вандализам. Насилничкото, деструктивно и нецивилизирано однесување е насочено кон просториите каде со фолклор се занимаваат повеќе од 200 деца, а сквернавењето со натписи „УЧК“ и државата и јавноста треба најстрого да го санкционираат“, напиша Стоилковиќ.
Тој најави дека за, како што вели, политиките кои го поттикнуваат ваквото однесување ќе говори во друга прилика, додавајќи дека „никој нема да биде изоставен“.