Тензична атмосфера ја одбележа вчерашната седница на Советот на Град Скопје, каде советниците од Левица со свирежи го пречекаа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, изразувајќи незадоволство од новиот начин на поставување и одговарање на советничките прашања.
Според новата практика, советниците најпрво ги поставуваат сите прашања, по што градоначалникот и претставниците на градските служби одговараат на нив едно по друго. Дел од опозициските советници се против ваквиот модел, со образложение дека се оневозможува непосредна реакција и дополнително прашање по добиениот одговор.
Дополнителни реакции предизвика и видеопреносот од вчерашната седница. Според објавените информации, преносот достапен за јавноста не го опфатил делот во кој советниците ги поставувале прашањата, туку започнал со одговорите на Ѓорѓиевски. Од Левица ваквиот начин на пренесување го нарекоа „политичка монодрама“.
Додека траеја свирежите, Ѓорѓиевски реагираше со насмевка и продолжи со одговарањето. Во еден момент од претседателот на Советот, Даме Димитровски, побара да се погрижи за, како што ги нарече советниците што свиркаа, „хорот Ветер и магла“.
Градоначалникот им забележа и за советничките надоместоци, наведувајќи дека земаат повеќе од 40.000 денари месечно, а на седницата свиркаат наместо да учествуваат во работата на Советот. По околу шест минути свирење и тропање, советниците на Левица ја напуштија седницата.
Несогласувањата околу новиот модел траат веќе неколку седници. Од Левица претходно побараа да се врати стариот начин, при кој по поставеното прашање следува одговор и можност советникот веднаш да реагира. Претседателот на Советот, пак, при воведувањето на моделот објасни дека промената е направена во насока на подобрување на работата на Советот.