Тендерот што по вторпат го распиша Министерството за транспорт, за набавка на 150 електрични автобуси, е завршен. Пристигнати се четири понуди и во моментов се врши евалуација на истите, а од Владата очекуваат, доколку успешно заврши тендерската постапка, првите 30 автобуси да стигнат до септември.
Тендерот предвидува набавка на вкупно 150 електрични автобуси, од кои 100 се наменети за Скопје, а другите за другите општини во државава.
Според техничката спецификација во огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност е 51 милион евра. Автобусите треба да бидат црвена или бела боја, да имаат најмалку 33 седишта и капацитет за најмалку 66 патници. Ќе се набават и 75 станици за полнење на автобусите со моќност од најмалку 120 киловати за едно приклучно место на станицата за полнење.
Додека граѓаните во Скопје го чекаат тендерот и набавката на автобуси, принудени се да се возат во старите амортизирани автобуси од Кина и од Украина кои освен што се нечисти, неудобни и ретко ги има, ја загадуваат животната средина.