Силното невреме што ја зафати Италија уште од вчера продолжува да предизвикува големи проблеми низ целата земја. Една жена загина, десетици луѓе беа евакуирани, а во текот на денот беа регистрирани поплави, одрони и паднати дрвја во Рим, Тоскана, Лигурија и други делови од земјата, пренесува ANSA.
⛈️Roma: Diversi allagamenti segnalati a Ciampino a causa delle intense precipitazioni.
Oltre 120 interventi dei Vigili del Fuoco in tutta Roma. A Falcognana registrati 68.5 mm di pioggia nelle ultime 12 ore. Foto di Meteo Lazio da Ciampino. https://t.co/91jgzAHcTC
— Italia 24H Live 🔴 – Notizie dall’Italia (@Italia24HLive) September 10, 2026
Во Латисана, град во североисточна Италија меѓу Венеција и Трст, една жена загина откако со автомобилот влезе во поплавен подвозник. Автомобилот целосно потона под вода.
Силни поплави го зафатија целиот регион меѓу Латисана и крајбрежниот град Лињано Сабијадоро, во североисточна Италија долж Јадранското Море и западно од Трст. Лињано Сабијадоро е делумно под вода, а пожарникарите со часови интервенираат на бројни локации. Поплавени се подруми, гаражи, куќи и патишта.
Во источниот дел на регионот Венето, во пошироката област на Венеција, пожарникарите до утринските часови примиле 130 барања за интервенција. Околу четириесет интервенции биле завршени, додека околу 90 сè уште чекале да бидат решени. Особено се погодени областите Сан Дона ди Пјаве, Ераклеа, Каорле и Сан Микеле ал Талјаменто.
Во Валтелина, во Ломбардија, во текот на ноќта се случи голем одрон над селото Катаеџо. Евакуирани се 45 лица кои се сместени во три хотели, а училиштата се затворени. Во тек се проверки за да се утврди дали постои ризик од нови одрони.
Невремето го попречи и железничкиот сообраќај. Сообраќајот на возовите меѓу Портогруаро и Трст беше прекинат поради временските услови, а некои возови доцнеа повеќе од еден час. Беа воведени заменски автобуси.
Во Тоскана, во текот на 12 часа, беа регистрирани повеќе од 63.000 удари на гром. Во Чечина, за помалку од два часа наврнаа повеќе од 80 милиметри дожд, што предизвика поплавување на подруми и подземни гаражи. Во Трст беа поплавени бројни улици, а на некои места нивото на водата достигна 15 сантиметри. Се поместуваа капаците од шахтите, а имаше и проблеми во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија.