„Владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорача „историски резултати“ а наместо „горда Македонија“ коалициски партнери во Владата не го почитуваат ниту македонскиот јазик. На официјално обраќање, вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик. Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски. А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност“ рече денеска на прес-конференција Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Вели „Прашањето е едноставно: за ова ли на Мицкоски му требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите?“.
„Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо. Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик. Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи? Или функционерите од власта се недопирливи? Уште колку пати Мицкоски ќе каже нешто па ќе го порече?“ праша Јанковиќ.
Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик. Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише, вели тој.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на сето ова се прават глуви и слепи, како ништо да не се случува. Се колнеа во „македонштина“, се бореа против француски предлог и „асимилација“, а денес не можат ни да обезбедат почитување на македонскиот јазик во сопствената Влада“ порачаа од опозициската партија.