На денешната собраниска седница на која се разгледува интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратеничката од Левица Јована Мојсоска упати критики за работата на МВР и отвори повеќе прашања поврзани со постапувањето на институциите.
Мојсоска се осврна на приведувањето на млади лица кои на јавен настан истакнале палестинско знаме, оценувајќи дека полицијата покажува строгост кон граѓани кои, како што рече, мирно изразуваат солидарност со Палестина, додека има поинаков однос кон лица поврзани со големи криминални случаи.
„Додека криминалците ги пречекувате како господа на граница, вашата полиција тренира строгост врз млади луѓе кои се солидаризираат со народ врз кој се вршат најголемите воени злосторства во поновата историја“, изјави Мојсоска.
Во своето обраќање таа посебно го посочи случајот со проектот „Бехтел и Енка“, критикувајќи го начинот на кој се води постапката за надзорот над проектот. Според неа, станува збор за случај кој повеќе од две години се наоѓа во предистражна постапка.
Мојсоска потсети дека ВМРО-ДПМНЕ додека била во опозиција изнесувала обвинувања и документи за наводни незаконитости поврзани со фирмата „Електра Солушн“, која го добила тендерот за надзор, и побара одговор зошто истите наоди сега не резултираат со конкретни постапки.
„Се поставува прашањето како во опозиција толку лесно наоѓавте докази за криминал, а сега, по две години власт, сè уште водите предистрага за да ги обезбедите истите тие докази“, рече таа.
Пратеничката обвини дека случајот намерно се одржува без епилог и го поврза тоа со промените во сопственичката структура на компанијата и други политички случувања, вклучително и враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во земјата.
Таа ја критикуваше и проценката на МВР доставена до обвинителството во врска со безбедносните ризици за Груби, посочувајќи дека постојат спротивставени информации околу тоа дали такви ризици навистина биле утврдени.
„Системот е трул, министре, но таа трулост не се појавила сама од себе. Ја создаваат токму партиите кои 35 години управуваат со државата и ја хранат со корупција, криминал и неказнивост“, порача Мојсоска, оценувајќи дека најголемата слабост во мандатот на Тошковски ќе остане односот кон случајот со „Бехтел и Енка“.