Скандалот со семејната фирма на Томовски која го чисти буџетот, или во бројки 5,3 милиони евра и 161 тендер е шаблон кој денеска го разоткриваме целосно, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на партиска прес-конференција.
„Зошто Томовски овие денови толку многу се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со семејната фирма? Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот, зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт во семејната фирма.
Затоа е нервозата? Затоа што се фатени живи! Како и во секоја антикорупциска борба, најважно е да се следат парите.
Антикорупцискиот тим на СДСМ го следеше трагот на парите и еве го одговорот:
Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.
И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е донаторот на ВМРО-ДПМНЕ исто така. Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата, рече Кузеска и порача ДКСК и Јавното обвинителство да не молчат туку да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски.