(ВИДЕО) Фрчкоски: Алфа телевизија не е „само медиум“, таа е политички проект

by irena 11:12
11:12

„Во средината на политичко-финансиската мрежа на оската Орбан – Вучиќ – Мицкоски, преку нивните партии, банки, бизнис интереси, и лажни договори за реклами има и клучен пропаганден столб: Алфа телевизија. Денеска ќе ја разоткриеме позадината на оваа пропаганда, на политичките врски и бизнис мрежите. Граѓаните ќе видат, зошто токму преку Алфа телевизија се водат црните кампањи, хајки, јавниот линч врз СДСМ и претседателот Филипче. Зошто оваа Телевизија делува како политичка алатка на ВМРО? Зошто Жан Митрев беше искористен? Ништо не е случајно“ рече денеска на прес-конференција Јон Фрчкоски – член на Извршниот одбор на СДСМ.

Тој вели „прво да видиме кој стои зад Алфа ТВ? Петер Шац, унгарски медиумски бизнисмен и човек од тесниот круг на Виктор Орбан. Преку компанијата CHS Invest Group, Шац контролира 57% од „Алфа Скоп ДОО“, фирма – стопроцентен сопственик на телевизијата. Контролата ја презема во 2017 година – токму во периодот кога Орбан започнува агресивна експанзија на своето медиумско влијание на Балканот. Петер Шац е познат по блиските врски со Виктор Орбан и неговата партија Фидес, при што неговите медиумски активности често се користат за промоција на агендата на Орбан, вклучувајќи ширење пропаганда и финансиски трансакции кои биле под истрага поради сомнежи за перење пари. Пред тоа, Алфа била во сопствеништво на српски бизнис-структури, меѓу кои и групацијата Comtrade на Веселин Јевросимовиќ – човек со документирани релации со Александар Вучиќ и СНС“.

„Континуитетот е очигледен: сопствениците се менуваат, политичката линија останува иста. Орбан е поврзан со бизнисите на Шац, но особено е важна врската со Хабоњи и поддршката за Груевски (на кому Орбан му даде азил). Во 2020 година, Шац беше обвинет за даночна измама во Северна Македонија поради непријавување на приход од 190.000 евра во неговата компанија CHS Invest Group. Истражувањата на ИРЛ и Oštro покажаа дека таканаречените „рекламни договори“ (маслиново масло, сувенири, онлајн продавници без реален пазар) биле користени како механизам за трансфер на милиони евра кон медиуми под контрола на Шац. Купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка, сопственост на Давор Мацура, банкар близок до Вучиќ, отвора сериозни прашања дали истиот механизам (банки – реклами – медиуми – политичко влијание) повторно се активира, овојпат преку српско-унгарска оска, во услови кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт“ рече Фрчкоски.

Вели дека „не е случајно што кујните на ВМРО, порталите како Плусинфо.мк и Експрес.мк се преплавени со реклами поврзани со Алта. Дури и логото на Алфа и Алта банка се слични, сменети во иста година“.

„Сега доаѓаме и до Жан Митрев. Човекот кој токму на Алфа ТВ започна црната кампања и јавен линч против претседателот Филипче со изнесување на лаги. Освен што беше обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти во неговата клиника, кои други активности го поврзуваат Жан Митрев со оваа оска? Тим на болницата „Жан Митрев“ ја претставувал Македонија на меѓународен турнир во „walking football“ во Будимпешта во 2025 година. Финансиран преку македонскиот државен Фонд за здравство. Еден од тимовите-учесници на овој турнир е Фехервар од Унгарија, тим – поврзан со поранешниот клуб Видеотон каде што играл Орбан. Киниши е вториот тим учесник на турнирот со Жан Митрев исто така од Унгарија. Да појасниме, Орбан е познат по својата опсесија со фудбалот – тој е поранешен играч, голем фан и го користи спортот како дел од својата политика. Ништо не е случајно“ тврди Фрчкоски.

Според него, „не случајно што е формирано и здружението „ВМРО-ДПМНЕ Србија“, предводено од Марјан Јованоски, поранешен дипломат и кадар од времето на Антонио Милошоски. Ова не може да се чита изолирано. Во комбинација со блиските односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СНС, станува јасно дека станува збор за регионално политичко позиционирање, а не за културно здружение. Доаѓаме до заклучокот за оваа политичка, бизнис и медиумска оска – Орбан – Вучиќ – Мицкоски. Алфа телевизија не е „само медиум“. Таа е политички проект“.

Слични вести