Сопствениците и вработените во рибникот „Дошница“ одржаа мирен протест поради најавено рушење на дел од рибникот за изградба на приватен пат до една хациенда во близина на селото Чифлик, демиркаписко.
Сопствениците на рибникот „Дошница“ бараат решавање на повеќегодишен проблем што може да влијае негативно врз објектот, вработените и врз економијата на Демир Капија со оглед на тоа дека се работи за семеен бизнис со повеќе од 70 години традиција.
Со изградбата на патот, базените за производство на риба ќе бидат ставени вон функција, што значи целосно уништување на дејноста и егзистенцијата.
На протестот присуствуваа граѓани и вработени, а на терен беше присутна и полиција, како и механизација за рушење.
Според решението на Државниот инспекторат за градежништво, оградата на рибникот била бесправно поставена и навлегла во трасата на патот што се планирало да се изгради.
„Веќе подолг временски период сме изложени на константни притисоци и инспекции од страна на Власта, и тоа инспекции спроведени од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, инспекции од страна на АФПЗРР, од страна на финансиската полиција и последно од страна на Државниот градежен инспекторат.
Оваа хајка против нашата фирма трае веќе подолго време поточно од доаѓањето на новата власт.Со самото доаѓање на власт започна и нашата голгота. Бидејќи не можеа да најдат неправилности во нашата работа ова преставува последен обид да не заплашат и да пробаат да не затворат“, истакнаа сопствениците на рибникот.
Државниот градежен инспекторат донел решение за рушење на ограда која е наводно поставена без одобрение за градба, а која ограда датира од 1958 од кога е изграден и рибникот,со цел да овозможи на општината да изгради пристапен пат за интересите на физичкото лице Сашо Николовски.
„ Самата ограда не е по себе случај, но она што е битно е дека под оградата лежи крвотокот на рибникот, односно целата водоводна и електрична инсталација и системи за рециркулација. Доколку дојде до рушење на оградата и реализацијата на оваа намера на општината со изградба на патот ќе се оштети инсталацијата и над неа ќе се изгради пат, понатамошното функционирање ќе биде скоро невозможно“, велат тие.
Според сопственциците, она што загрижува, е тоа што во оваа постапка е впрегнат целиот државен апарат кој на експресен начин сака да овозможи изградба на пристапен пат за приватни потреби.
„Од одземање на надлежности на општината до спроведување на инспекциски надзор и рушење на оградата, да се спроведе за помалку од 1 месец е повеќе од импресивно. Прашање е само на кому волку му се брза? Иако за овој потег не постои урбанистичко планска документација односно важечки план, кое нешто им е познато на надлежните институции, по секоја цена сакаат да спроведат и извршат рушење со цел градба на пат за приватни потреби. Објектот до кој треба да се изгради патот е евидентиран во АКН како објект од терциерно здравство, но истиот никогаш не функционирал како таков. За овој објект не се платени комуналии, а за кое нешто постои и решение за присилна наплата, објектот во дел е дивоградба, за кое има решение за рушење, објектот нема никаков придонес во локалната економија, па истиот да преставува поголем приоритет од рибникот кој храни 30 фамилии во рурална општина како Демир Капија е навистина несфатливо“, соопштија сопствениците.
Рибникот изграден на реката Дошница е пуштен во употреба уште во 1958 година. Првично со него стопанисувала државата, па егзистирал низ разни форми на општествена сопственост, се приватизирал од 2003 година и оттогаш е во негова сопственост.
Почетоците на проблемите околу рибникот настанале во 2012 година кога Општина Демир Капија незаконски продала парцела близу рибникот, за која тој бил носител на корисничко право. Претходно Општината го сменила и урбанистичкиот план и вметнала пат што треба да минува покрај рибникот.
„Затоа навистина се поставува прашањето кого штити власта, кој сака да го уништи нашиот бизнис и кое е лицето кое е толку моќно за да се координира и ја покрене целата државна власт за да му се изгради пристапен пат на објект кој не функционира притоа кршејќи ги сите правила и процедури. Дали ова е правната држава за која толку многу ни говорат?“, прашуваат вработените и сопствениците на рибникот.
Сопствениците имаат поднесено и писмена изјава дека се согласни да го финансираат градењето на патот, од проектирање, па сѐ до финална изведба и сообраќајна сигнализација со цел да не дојде до уништување на рибникот, не наишле на разбирање од локалната самоуправа во Демир Капија.
О.К.