„Свиркачи до нас доставија шокантно видео кое го објавивме. Бомба е фрлена во домот на Милко Бошковски во Бардовци. Настанот се случил пред два дена, во недела, на 16 август. Кој е Милко Бошковски? Вработен во МВР, во отсек за организиран криминал. Бошковски е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски“ рече денеска на прес-конференција Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Тој вели „негов личен пријател и според нашите информации близок соработник. Ова не е обичен безбедносен инцидент. Прашњето е зошто се крие од јавноста овој настан? Која е позадината? Панче Тошковски глуми експерт за вода, за хиперхлорирање, за чистење водоводи, прави се само не си ја работи својата работа. Каде е да каже зошто кај вработени во МВР и поврзани со кумот на премиерот Мицкоски се фрлаат бомби?“.
„Информациите кои свиркачите ги доставија до нас водат до основани сомненија дека причината е нереализиран бизнис дил со провизии. Јавно го повикуваме Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери овие наводи и основани сомнежи и да одговори: Дали е во прашање провизија – мито од 300.000 евра за бизниси и тендери? Каде требало да завршат 300.000 евра? Дали има некаква врска со тендери во РЕК и со градежно атрактивно земјиште во Скопје? Панче Тошковски да одговори со што се занимаваат неговите вработени? Дали е точно дека истиот овој полициски службеник бил и претходно пријавен во Јавно обвинителство за барање мито од 200.000 евра од поранешен градоначалник?“ прашува Димитриевиќ.