(ВИДЕО) Без дигитализација, со повисоки цени: Студентите се вселуваат во домовите по стара шема

by irena 14:29
14:29

 

Започна вселувањето на студентите во државните студентски домови низ земјава, но и покрај најавите за дигитализација на целиот процес, аплицирањето и распределбата на собите и оваа година главно се одвиваат преку пополнување на хартиена документација.

Надлежните институции не го исполнија ветувањето за дигитална евиденција и автоматизирана постапка при вселување во студентските домови, што дополнително го отежна почетокот за стотици студенти. Наместо со еден клик, тие мораа физички да се појават, да поднесуваат хартиени документи и да чекаат по неколку часа за да ги добијат клучевите од собите.

„Сè уште мораме да носиме документи во хартиена форма, да чекаме по неколку часа и да одиме од канцеларија во канцеларија. Се најавуваше дека оваа година конечно ќе се среди дигитално, ама ништо од тоа“, вели Александар, студент од Прилеп кој се вселува во домот „Гоце Делчев“ во Скопје.

Покрај застарената процедура, годинава студентите се соочуваат и со зголемени трошоци. Така, на пример, студент кој лани во студентскиот дом „Гоце Делчев“ плаќал 3.645 денари месечно, сега за истата услуга ќе треба да издвојува 300 денари повеќе односно 3.945 денари. . Зголемувањето на цените не е придружено со соодветно подобрување на условите, велат студентите, кои бараат транспарентност и посериозен пристап кон студентскиот стандард.

Дополнителна реакција предизвика и одлуката на Министерството за образование и наука  да ги отстрани резултатите од Конкурсот за прием на студенти од својата официјална веб-страна.

Слични вести