Вчерашниот ден беше најтежок во досегашниот тек на сезоната на пожари кога станува збор за загрозеноста на населените места. Во текот на денот биле регистрирани два особено алармантни пожари, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Особено сериозна била состојбата во селото Богомила, во општина Чашка, каде што огнената стихија се доближила до првите куќи. Благодарение на брзата реакција на локалното население и интервенцијата на пожарникарите од Велес, било спречено пламените јазици да ги зафатат домовите и да предизвикаат поголема катастрофа.
Уште покритична била состојбата во Пелагонискиот Регион, каде што пожарите претставувале директна закана за повеќе населени места. Меѓу загрозените биле селата Ивановци, Лознени и Ново Селане.
Ангелов лично пристигнал во Лознени, каде што ситуацијата во еден момент била исклучително опасна. Според неговото сведоштво, огнената линија се доближила на само педесетина метри од првите куќи, а пожарот брзо се движел низ сува трева висока повеќе од половина метар.
Во пожарите било повредено и едно лице. Според првичните информации, лицето се здобило со изгореници на дланките, по што било пренесено во болница за понатамошна медицинска помош.
Истовремено продолжува борбата со пожарот во Македонски Брод, кој е активен веќе неколку дена. Гасењето таму е дополнително отежнато поради тешко пристапниот и карпест терен.
На терен бил испратен модул за шумски пожари составен од 25 доброволци и пет припадници на ДЗС. Екипите продолжиле со активностите за локализирање и гасење на пожарот и во утринските часови.
Активен останува и пожарот во атарот на Студеничани. Во неговото гасење вчера биле вклучени и „ер трактори“, а одредена помош донел и дождот. Врнежите придонеле пожарот да ја намали својата сила, но состојбата и натаму се следи.
Според Ангелов, вчерашните пожари биле меѓу најсериозните предизвици оваа сезона токму поради непосредната опасност за населението и домовите во неколку населени места.