Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид на детското игралиште „Патрик“, кое беше вандализирано и сериозно оштетено од група млади лица.
Станува збор за едно од најуредените детски игралишта во општината, наменето за игра и рекреација на најмладите. Според првичните проценки, причинетата материјална штета изнесува неколку илјади евра.
По инцидентот, екипи на Општина Аеродром излегле на терен, а игралиштето привремено е затворено од безбедносни причини. Од општината најавуваат дека во најкус можен рок ќе биде спроведена санација на оштетувањата и замена на уништените реквизити.
Случајот е пријавен во полиција и се поднесени соодветни пријави против сторителите.
Од Општина Аеродром упатија благодарност до граѓанинот Никола Поповиќ, кој, како што наведуваат, со навремена реакција помогнал да се спречи понатамошно оштетување на игралиштето.
Воедно, од општината апелираат до граѓаните да пријавуваат вандализам и уништување на јавен имот до надлежните служби и полицијата.
„Јавното добро е создадено со средства на граѓаните и обврска на сите нас е да го чуваме и почитуваме“, порачаа од Општина Аеродром, додавајќи дека ваквите случаи бараат поголема општествена одговорност и заедничка грижа за јавните простори.