Ваљон Бела и Бекир Халими се прогласени за непожелни во Албанија

by vlatko 15:11
15:11

Министерството за внатрешни работи на Албанија прогласи уште двајца граѓани од Македонија за  „персона нон грата“, поради сомнителни активности против албанската држава. Како што објави „Топ ченел“, станува збор за Ваљон Бела и Бекир Халими кои се прогласени за непожелни, бидејќи за нив постојат докази за активности штетни за албанската држава.

Одлуката била донесена по предлог на антитерористичката единица во Државната полиција, додека потврда дало и Министерството за внатрешни работи. И двајцата имаат забрана за влез на албанска територија во траење од 10 години, додека за Бела е издадена и наредба за депортација.

Инаку, Халими беше член на поранешната ОНА и е вахабистички теолог. Во 2008 беше осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал каеда. Во 2016 година беше исклучен од Исламската верска заедница на Македонија по судирите со раководството на институцијата.

За оваа одлука, преку Фејсбук остро реагираше Бела, опишувајќи ја албанската влада дека е во служба на странски интереси и дека е во целосна синхронизација со Белград. Тој го нарекува албанскиот премиер „Еди Рамовиќ“-сијамскиот брат на Вучиќ.

Бела е поранешен функционер на ДУИ и поранешен економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство. Тој на јавноста ѝ е познат дека во 2018 година беше застрелан во нога во скопската општина Чаир.

Претходно, тој беше дел и од Беса, а во ДПА беше потпретседател откако неговата партија Албански сојуз се спои со партијата на Мендух Тачи.

Слични вести