Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 20 март, 2025 година во бројот 1537
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Македонија мириса на земја“, „Куќа на смртта“, „Држава на некролози“, „Масовна гробница“. Ова се само дел од страшните називи што ги доби кочанската дискотека „Пулс“, во која во саботата вечерта, на концерт на групата ДНК загинаа 59 млади луѓе од 14 до 24 години, додека околу 160 се повредени. Дури седум членови на познатата музичка група го изгубија својот живот во најстрашниот пожар, кој се случи два часа по полноќ.
За ваква незапаметена трагедија, историјата не памети, а малото гратче Кочани, кое брои околу 25.000 жители, стана масовна гробница на млади луѓе, кои во пожарот ја изгубија младоста, љубовта, храброста и иднината. Една вечер журка беше кобна за една непрежалена младост. Цела Македонија и цел свет е завиен во црно, а на младите луѓе им пресуди таканаречената шупа, која не исполнувала ниту еден од условите за да може да го добие името дискотека/кабаре, во која повеќе од една деценија се правеле журки со познати музички ѕвезди.
За целиот овој период, кочанската дискотека немала лиценца за работа, а и работела во објект наменет за лесна индустрија. Претходно бил фабрика за текстил. Во објектот, исто така, имало само два противпожарни апарати, немало излезни врати за евакуација, концертот на ДНК се одвивал на диво бидејќи немало договор меѓу изведувачите и сопственикот.
Внатрешноста на таканаречената дискотека била со гипс-картон, но без огноотпорни својства. Немало спуштен таван со противпожарна отпорност на најмалку 30 минути. Немало систем за кочење на вратите, ниту систем за известување за пожар. Неправилностите се бројни, но, сепак, слободно можеме да констатираме дека некој дозволил ова да се случува. Свесно или несвесно.
Многу години успеала да функционира незаконски, но само една секунда направи катаклизма, а морбидната слика како копаат гробишта во Кочани ќе остане вечно врежана во главите на целата македонска јавност. Многу млади животи згаснаа, многу семејства се зацрнија – но сепак да видиме како почна сѐ?
РАЗНИ СОПСТВЕНИЦИ
Многумина од нас за првпат слушнаа за фамозната дискотека „Пулс“ во Кочани, која повеќе од една деценија организирала журки во малото гратче. Кочани е град, кој низ годините е познат по ноќниот живот, па дури се смета и за предводник во источниот регион.
Дискотеката „Пулс“ го сопре пулсот на цел еден млад свет. Таа се наоѓа во центарот во Кочани, а на нејзината официјална фејсбук-страница можат да се пронајдат бројни имиња на познати македонски и српски пејачи, диџеи кои редовно секој викенд настапувале таму, што значи дека младината од регионот биле редовни посетители на сега веќе познатата „куќа на смртта.
Никој не знаел што во себе крие дискотеката, која низ годините била главно место за излегување по 12 часот по полноќ, кога реално и почнувале живите свирки, на кои нормално не требало да присуствуваат малолетници.
Но, да видиме кој стои позади и кој управува со оваа дискотека, која го зацрни животот на бројни семејства? Според официјалните податоци од Централниот регистар, дискотеката до 9 февруари 2024 година се водела на компанијата „Класик ДМ Кочани“, чиј сопственик бил Дејан Јованов, и во 2022 година токму на име на ова, компанијата на дискотеката ѝ била издадена лиценца за кабаре. Историјата на компанијата е позната, па таа на бизнис-пазарот фигурирала од далечната 2009 година.
Јованов, покрај дискотеката, во центарот на Кочани го поседувал и кафулето „Класик“, чие име го носи според првичната фирма, која се водела на негово име. Тој имал и други бизниси, но и компании во други дејности.
Во понеделникот, револтираните граѓани го демолираа кафулето, за кое само немо остануваат да сведочат фотографиите на гневната маса млади луѓе, мајки и татковци со сликите во раце од своите изгубени чеда, чиј револт допрва ќе расте.
Уште пострашно е тоа што сопственикот свесно ја држел дискотеката, која не исполнувала ниту еден од условите за работа и за целиот овој период го загрозувал животот на сите оние, кои биле нејзини посетители.
Сега официјално дискотеката е во сопственост на друга компанија „ММММ кафе Дооел Кочани“ и според засега достапните информации е на име на Александар Карадакоски, за кој жителите велат дека бил менаџер. Истрагата треба да утврди како се менувало и зошто сопствеништвото. Претходната компанија веќе е неактивна, а била формирана во 2009 година, а компанијата, која сега управувала со дискотеката, имала блокирана сметка и била формирана во 2020 година.
Според историјатот на промени од Централниот регистар, за овие пет години, колку што постои на бизнис-пазарот, фирмата имала неколку сопственици, а како прв, кој фигурира на хартија, е извесен Митко Стојанов, кој истовремено е и директор, а основна дејност на компанијата е ресторани и други објекти за подготовка и послужување храна. Веќе од 2023 година, Карадакоски станува нов сопственик на фирмата. И тој е меѓу приведените.
Според последните бројки, фирмата била во минус во 2023 година од околу 3.000 евра.
КОЈ СТОИ ВО ЗАДНИНА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ?
Голема улога во целата оваа трагедија „игра“ и Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои ја обезбедувале дискотеката за време на кобната ноќ. Двајца од нивните обезбедувачи беа приведени и им е одреден притвор, а едниот од нив, Столе Боев, во изјава за медиумите, истакна дека не чувствува вина. Тој е осомничен дека дозволил вечерта по 12 часот по полноќ да влезат малолетници во дискотеката.
„Јас ги спасив сите што можев и многу ми е криво и мака за тие што не можев да ги спасам. Со голема болка и тага изразувам сочувство до семејствата на починатите. Голем дел од нив се мои пријатели и другари, кои на сопствени раце ги извадив. Не знаете како ми е, ама тоа е“, кажа Боев.
Оттука многу логично е да се постави прашањето – какви се надлежностите на Агенцијата за обезбедување и зошто кобната ноќ на журката на ДНК внатре во објектот биле пуштани малолетници? Тоа допрва ќе го покаже истрагата на Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, да видиме кој стои позади Агенцијата за обезбедување и дали некој од сопствениците ќе сноси некаква одговорност или прстот на вината ќе биде насочен само кон обезбедувачите, кои биле таа вечер на должност.
Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира само три години, поточно од 5 септември, 2022 година. Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат.
Податоците што ги откривме покажуваат дека станува збор за заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување.
Најпрвин да објасниме што значи ЦБИ? Тоа е организација формирана во 2017 година и, како што пишува на нивната официјална страница, со цел да им се помогне на обичните граѓани.
„Мисијата на ЦБИ е да им помогне на обичните граѓани, но и на донесувачите на одлуки да го направат најдобриот избор при донесувањето одлука, притоа потпирајќи се на најдобрите информации. Решенијата што ги нуди ЦБИ се направени врз основа на најдобрите информации, најкредибилните методи и најдобрите експерти во одредената област.
Ние сме посветени на објективни и квалитетни истражувања, кои ги даваат најдобрите резултати и го нудат најдобриот пристап за справување со безбедносните предизвици.
Визија на ЦБИ, и наша цел, е да се пресретнат најсериозните безбедносни предизвици, со цел да се подигне граѓанската и општествената безбедност во Република Македонија. Токму затоа, нашиот фокус е насочен кон безбедносните предизвици во Република Македонија и регионот, и токму во таа област имаме еден мултидисциплинарен пристап, кој опфаќа широк дијапазон на анализи и истражувања“, се наведува во описот на нивната веб-страница.
Директорот Нацев редовно се појавуваше на прес-конференциите на вмровците, а беше директор и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во периодот кога Никола Груевски беше премиер.
Според објавите во медиумите, тој во 2019 година заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.1.2015 до 3.8.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.
Пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.
Неговата поврзаност со Јанчески, официјалниот сопственик на „Рубикон“, може да се забележи и преку порталот „Сариса“, познат под името – прв конзервативен портал на кој можат да се најдат единствено изјави од министрите во владата на Христијан Мицкоски.
ЌЕ ЗАВРШИ ЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПОЗАДИ РЕШЕТКИ?
Неколку дена по големата трагедија во Кочани, никој не може да му го види лицето на сега веќе градоначалникот во оставка, Љупчо Папазов. Тој, своето сочувство, но и својата оставка ги изрази само преку неговиот фејсбук-профил, но во јавноста воопшто не се појави. Единствено се знае дека бил во полициска станица на распит и за неговиот статус допрва ќе се одлучува.
Но, сепак, во вторникот полицијата упадна во просториите на Општина Кочани. Претставници на надлежните институции влегоа во зградата, каде што подигнуваа документација поврзана со дозволите и регулирањето на работењето на дискотеката „Пулс“.
Сепак, кои се надлежностите што ги има општината за евиденција на угостителските објекти кои се наоѓаат на нивно подрачје?
Последните локални избори во земјава се одржаа во 2021 година. И во Штип и во Кочани, градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и мнозинството во советите. Зошто е тоа важно?
Според Законот за полиција, командирот во полициската станица на подрачјето на една општина го избира Советот, со мнозинство гласови. Се избира меѓу тројца кандидати, кои ги предлага Министерството за внатрешни работи. Тоа значи дека командирот на Полициската станица од општа надлежност Кочани, кој сега е разрешен, е кадар кој стапил на функција со поддршка на мнозинството советници. Тој е во редовна комуникација со Советот и поднесува извештаи пред него.
Дополнително, општината, службите и градоначалникот би требало да знаат кои угостителски објекти на нивната територија имаат дозвола за работа, особено објектите од типот на кабареа, како „Пулс“.
Според Законот за угостителска дејност, лиценца за кабаре се вади со важност од 12 месеци. При вадењето на лиценцата се уплаќаат меѓу 2.500 и 5. 000 евра, сума што ја одредува општината. Дел од парите од лиценцата легнуваат на сметката на општината. Ако општината нема примено пари на име лиценца за кабаре, таа во теорија, треба да знае дека на нејзината територија не треба да има кабаре или барем дека кабарето „Пулс“ не требало да работи.
Дополнително, согласно членовите 7 и 8 од Законот за угостителска дејност, угостителот е должен пред да почне со работа да ги извести и Државниот пазарен инспекторат и општината. Во случајот на Скопје, Градот Скопје А, градоначалникот на општината води евиденција.
Така што, многу од овие незаконски работи паѓаат на товар на градоначалникот Папазов.
Од друга страна, премиерот Мицкоски се огради од него и истакна дека и свети ВМРО да е, никој нема да се штити.
„Јавното обвинителство ќе утврди дали и колку е одговорен градоначалникот на Кочани. Тој стои на располагање за сѐ и не бега. Истражните органи ќе влезат во општината, за да ги проверат сите документи“, истакна Мицкоски.