Уставниот суд денеска им порача истото и на пензионерите што протестираа пред нивната зграда, што и на премиерот Христијан Мицкоски: линеарното зголемување на пензиите сè уште не е укинато и нема донесена конечна одлука за спорниот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември изразиле сомнеж за уставноста на членот 2 – одредбата што го воведе линеарното покачување од 1.000 денари – и отвориле постапка. Но, тоа е само прва фаза. Во втората, која е во тек, Уставен собира мислења од Собранието и од Владата, по што дури ќе се подготви и стави на дневен ред предлог-одлука. Дури тогаш, на нова седница, судиите ќе гласаат за конечна одлука. До тој момент, законската одредба формално е на сила.
Пред зградата на Уставен се собираа пензионери од целата држава. Тие протестираа против можноста да престане линеарното зголемување и бараа да продолжи моделот со кој сите добиваат ист износ, со цел да се намали јазот меѓу најниските и највисоките пензии.
Претседателот на иницијативниот одбор, Зоран Трајков, пред собраните повтори дека нивната борба е за „корка леб и лекови“, предупредувајќи дека со чисто процентуален модел најсиромашните повторно ќе останат со покачувања од по неколку стотини денари.