Најмалку шест лица загинаа во бран украински напади со беспилотни летала врз регионите Белгород и Перм, како и врз Крим, во текот на ноќта, соопштија руските власти во понеделникот.
Маж и жена загинаа кога беспилотно летало удри во нивниот автомобил во регионот Белгород, недалеку од границата со Украина, соопшти локалниот штаб за вонредни ситуации.
Властите на Белгородската област во понеделникот наутро објавија дека уште еден маж загинал во посебен напад со беспилотно летало во пограничниот град Грјворон.
Напад беше забележан и длабоко во руската територија.
Во регионот Перм, на околу 1.300 километри источно од Украина, едно лице загина, а четворица беа повредени откако беспилотно летало удри во станбена зграда, соопшти гувернерот Дмитриј Махонин.
Според непотврдени извештаи, забележан е чад над индустриска зона во Перм, каде што се наоѓаат најмалку два објекта поврзани со руската одбранбена индустрија, вклучувајќи фабрика за барут и погон за производство на ракетни мотори.
Засега нема независна потврда дека овие објекти биле погодени или дека биле цел на нападот, пренесува „Москоу тајмс“.
Истовремено, на Крим – територија анектирана од Русија во 2014 година – 15-годишно девојче и еден маж загинаа за време на ноќен напад врз пристанишниот град Севастопол, според наводите на властите поставени од Москва.
Според нивните изјави, беспилотни летала со шрапнели ги оштетиле прозорците на осум станбени згради и една градинка.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во периодот меѓу недела навечер и понеделник наутро, над територијата на Русија и Крим биле пресретнати вкупно 306 украински беспилотни летала.
Украинските власти сè уште немаат дадено коментар за наводите на руските претставници во врска со жртвите и последиците од нападот.