УЈП нема да попушти за наплатата на данок за приходи од странство, но ќе даде време граѓаните да приложат докази

by irena 13:35
13:35

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова вели дека на граѓаните кои платиле данок на доход во странство, а на кои сега им е дојдено даночно решение и од УЈП, имаат се уште време да ги приложат доказите до канцелариите на УЈП.

Петрова тврди дека не може да се изврши двојно оданочување, а доколку има случаи во кои граѓаните веќе го платиле данокот на доход во странство, а сега постапиле и по решението од УЈП, ќе бидат разгледани сите докази и ќе се изврши оданочување само на едно место.

– За оние кои платиле во странство и сега платиле во земјава, ќе бидат земени предвид сите докази. Зависно од меѓународниот договор – доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде да се изврши поврат или доколку е возможно, платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит, а за уплатата која е извршена овде да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година, појасни Петрова на денешната прес-конференција со министерката за финансии.

Вели дека како институција се свесни за реакциите на граѓаните, но додава дека морале да го почитуваат законот и да ги достават решенијата во законскиот рок, односно пет години по истекот на годината кога доходот е остварен.

– Верувам дека одредени граѓани не стигнале да ги завршат активностите во однос на собирањето и доставувањето на доказите и тоа е разбиливо бидејќи се работи за пет години наназад, меѓутоа нашиот рок за завршување на постапката беше до 31 декември и тоа е законскиот рок. Имајќи предвид дека граѓаните мора да обезбедат докази за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји, ќе им овозможиме да го сторат тоа. Ги повикувам сите да ги достават доказите, ќе ги разгледаме и што може да се прифати, ќе прифатиме, рече Петрова.

Според Петрова, оваа активност на УЈП не била брза и изненадувачка, туку опсежна активност во која биле собрани податоците од банките, била направена опсежна анализа и околу 11.000 граѓани персонално биле повикани да го подмират данокот на доход.

За протестите на овие граѓани и за нивните најави дека ќе поднесат тужби пред Управниот суд, директорката на УЈП вели дека тоа се легитимни права на граѓаните.

– Тоа ниту можеме, ниту сакаме да ги спречиме граѓаните да поведат управен спор доколку имаат докази за тоа. Сепак, повикани се и кај нас да ги достават доказите за да видиме дали имаат платен данок во странство, рече Петрова.

Слични вести