Ученик во ОУ „Киро Глигоров“ во Капиштец носел нож на час

by irena 15:16
15:16

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец носел нож во својот ранец за време на наставата. За настанот реагираа родители на ученици од истото одделение, а информацијата е потврдена и преку вонредниот инспекциски надзор спроведен од Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

Според информациите, инцидентот се случил на 9 овој месец.

Следувал состанок на кој присуствувала директорката на училиштето, одделенската наставничка, специјалниот едукатор и рехабилитатор и училишниот психолог, пренесе „Мета“.

„Присутните истакнаа дека настанот се случил на почетокот од првиот час. При подготовка за час ученикот забележал остар предмет во неговиот ранец и го пријавил на одделенскиот раководител. Бидејќи бил видно вознемирен од неговото пронаоѓање, одделенскиот наставник го одзел истиот и го изнел ученикот надвор од училница за да го смири. По разговорот, откако се смирил, ученикот се вратил во училница, по што одделенскиот наставник ги информирал стручната служба и директорот. Родителите на ученикот се повикани во училиште. Психологот како одговорно лице за пријавување насилство, пополнил формулар за евиденција на насилство поради сомнеж за насилство носење остар предмет во ранец, а присутните истакнаа дека остриот предмет не бил злоупотребен од страна на ученикот, а внесување ваков премет во училиштето е спротивно на куќниот ред и кодексите“, стои во извештајот на инспекторите.

Како што се наведува, училишното раководство разговарало со родителите.

„Мајката изјавила дека по грешка, во брзање го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете и дека ја презема целосната одговорност, за што дала и писмена изјава своерачно потпишана следниот ден, на 10 февруари. Стручната служба ги советувала родителите да разговараат со нивното дете и да му укажат на одговорноста од ваквите недозволени постапки. Со родителите е договорено следниот ден повторно да дојдат на разговор во просториите на училиштето заради утврдување на понатамошни мерки и активности“, пишува во извештајот од ДПИ.

Слични вести