МВР информира дека вчера во 11:45 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип ја лишиле од слобода Т.А.(39) од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „примање поткуп“.
Како што информираат од МВР, претходно, на 22. овој месец К.Б.(26) од Турција, со привремен престој во Штип, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“, пријавил дека А.Т. му побарала 300 евра за да положи испит кој дополнително ќе го полагал вчера.
Преземени се мерки во координација со Основното јавно обвинителство Штип и на К.Б. му биле предадени крим технички обработени три банкноти од по 100 евра.
Полициски службеници ја лишиле од слобода Т.А. веднаш откако ги примила парите. Таа е задржана во полициска станица, парите се одземени и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.