Полска не сака нови битки и се стреми да избегне војна, но тоа е можно само ако земјата е силна, подготвена, независна и суверена.
Ова го изјави полскиот премиер Доналд Туск во Гдиња, за време на одбележувањето на Денот на полската армија и 106-годишнината од Варшавската битка.
-Не сакаме нови битки. Сакаме да избегнеме војна, но тоа може да го направи само оној кој е силен, подготвен, вистински независен и суверен – изјави Туск.
Премиерот нагласи дека Полска гради големи одбранбени капацитети како одговор на сложената геополитичка ситуација.
Според него, полската армија наскоро ќе биде најголемата во Европа.
-Нашата армија, нашите вооружени сили наскоро ќе бидат најголеми во Европа. Уште денес можеме да кажеме дека создаваме сила која ќе ја одредува судбината на регионот – модерна, бројна и која ќе предизвикува восхит во целиот свет, особено кај нашите сојузници – рече полскиот премиер.
Туск изјави дека превооружувањето на Полска не е поттикнато од амбициите на поединци политичари, туку од потребата земјата да ја зајакне својата безбедност во услови на променетата безбедносна средина во Европа.