Правдата нека се изврши, дури и небото да пропаѓа“

За првпат во историјата на државата, се случува амбасадор на друга држава да употреби толку „тешки“ зборови, со кои на површина ќе ја извади сета неправда, криминал и корупција низ годините

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“, праша пред една недела, холандскиот амбасадор во земјата Дирк Јан Коп, потенцирајќи дека сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ.

Тој упати сериозни критики на адреса на Северна Македонија, тврдејќи дека само се трупаат изговори, реформите каскаат во место и дека сѐ е заглавено поради недостигот од имплементација, корупција и непотизам.

Треба да постои владеење на правото. Она што ги штити малите земји  не е големината или воената моќ, туку меѓународното право и човековите права“, рече амбасадорот, кој потсети на стара латинска поговорка за правдата која што значи „правдата нека се изврши дури и небото да пропаѓа“.

Ова е само еден дел од говорот на холандскиот амбасадор, кој за првпат ѝ плесна во лице на власта, па и на опозицијата, дека од многу одамна се скарани со правдата.

За првпат во историјата на државата се случува амбасадор на друга држава да употреби толку „тешки“ зборови, со кои на површина ќе ја извади сета неправда, криминал и корупција низ годините.

Очигледно, Коп добил зелено светло, па на толку директен и дрзок начин да им каже на властите дека од „Нема правда, нема мир“, остана да виси само зборчето „Нема“ и дека тоа граѓаните секојдневно го чувствуваат на свој грб.

За неколку месеци се ближат избори. Уф, ама имаме еден избор. Отиде Курто, дојде Мурто и обратно.

Вмровците, кои сега повторно се борат за власт, имаа можност една цела деценија да направат реформи во државата и нешто да сменат.

Но, тие се посветија на прислушувањето, корупцијата, криминалот, златната кокошка „Скопје 2014“, кое му го смени личниот опис на главниот град и го претвори во Град на духови.

Поточно, цела Македонија е држава на духови. На секој чекор може да се забележат разочарани лица, луѓе кои одат по улиците и сами си зборуваат.

Немаштијата тресе во секој втор дом, а правда има само за функционерите. Обичните граѓани умираат како пилци по судовите, болниците, училиштата додека да се изборат и да ги добијат основните човекови права.

Ете, тоа е Македонија. Додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт „палеше и гасеше“, тужеше новинари, затворите беа полни со неистомисленици, се местеа тендери, здравството и образованието беа во тотален распад.

Ама, затоа џебовите на тогашните функционери и нивните најблиски бизнисмени пливаа во милиони евра. Речиси сите покренати судски случаи од сега веќе пропаднатото СЈО отидоа во вода, а останаа само милионите.

Зад затворски решетки заврши поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа единствена го почувствува затворскиот живот на свои плеќи. Па дури луѓето почнаа и да ја жалат нејзината трагична судбина, иако таа додека владееше уништи многу судбини.

И оп, после три години в зандани, поранешната прва полицајка се појави на телевизиско интервју во емисијата 360степени. Единствена емоција можеше да се забележи кога ѝ беше споменат синот.

Но, на секое друго прашање, па дури и кога ги спомнаа најпогрдните зборови што ги користеше во аудиоснимките, таа едноставно остана рамнодушна.

Јас не сум психијатар, но во нејзиниот лик не можеше да се забележи ни трошка каење за тоа што го направила. Дури, се стекнуваше впечаток дека ако би имала можност повторно да седне на функционерското столче, без проблем би ги повторила истите „злодела“.

Се пееше „Нема правда, нема мир“. Конечно, се смени власта. Падна тиранијата под водство на Никола Груевски. Силно светнал ден. Но, се тоа само додека траеше првичната еуфорија. После, сѐ по старо.

Ниту власта под водство на СДСМ не донесе некаква правда во земјава, освен што ги реши надворешно-политичките прашања. Го реши проблемот со името, а сега водат битка за уставни измени за Бугарите да можат да влезат во Уставот.

И кој страда пак? Обичниот народ. Тој што нема никаков избор, оти единствен избор им е да го испратат Ковачевски во опозиција, а на Илинденска да го седнат Христијан Мицкоски. Не по врат, по шија.

И додека политичарите се натегаат кој да седне на фотелјата, во најобичен сончев ден, во трговските центри, во главниот град, каде што се шетаат и возрасни и деца, се пука како на Дивиот Запад. Мафијата се пресметува. Секој со своето.

Слободно можеме да кажеме дека во Македонија сѐ се врти околу бизнисот, парите, моќта и одмаздата. Па, оттука да се навратиме повторно на латинската поговорка на холандскиот амбасадор во земјата: „Правдата нека се изврши дури и небото да пропаѓа“.

Може по многу години, но, сепак, во Македонија правда мора да има!

Поврзани новости