Црни прогнози за главниот град до 2050 година: Скопје ќе има 31 жешка ноќ годишно, двојно повеќе од сега  

by irena 10:24
10:24

 

Екстремните температури во Македонија и посебно Скопје, кое ќе биде потопло за 4,7 Целзиусови степени, ќе ги полнат болниците со итни случаи, ќе ги влошуваат хроничните болести, за кои и онака нема секогаш терапија, особено кај постарите граѓани и луѓето што имаат ниски приходи. Финансиските загуби од екстремната топлина, во некои делови од регионот се на пат да достигнат 2,5 проценти од БДП до 2050 година, а Македонија ќе губи 200 милиони евра само од намалена продуктивност поради жешките денови.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Градовите во Европа и во Централна Азија стануваат сѐ потопли, а Скопје е меѓу нив. Бројот на жешки денови во најголемите градови, особено во Јужна Европа и во Турција би можел да се зголеми за трипати во следните 25 години и веќе во 2050 година, граѓаните да живеат со повеќе од 40 до 70 дополнително топли денови годишно, што ќе влијае врз здравјето, домовите во кои живеат и врз квалитетот на живот воопшто.

Тоа го покажа новиот извештај на Светска банка: „Како градовите во Европа и во Централна Азија можат да се справат со потоплата иднина“, каде што Скопје е експлицитно наведен како град со голем ризик.

Во последните две децении, десетици илјади смртни случаи што се случиле во Европа и во Централна Азија се поврзани со летните жештини, односно предизвикани од високите температури, а таа бројка би можела да се удвои или да се зголеми на исто ниво со сообраќајните несреќи во многу градови до 2050 година.

Екстремните температури во Македонија и во регионот ги полнат болниците со итни случаи, ги влошуваат хроничните болести, за кои и онака нема секогаш терапија, особено кај постарите граѓани и кај луѓето што имаат ниски приходи.

Финансиските загуби од екстремната топлина или жештина во некои делови од регионот се на пат да достигнат 2,5 проценти од БДП до 2050 година. Причините се премногу за оваа фрапантна бројка: на високи температури, машините може да откажат, се оптоваруваат енергетските системи, работниците работат со забавено темпо во екстремна топлина, која ги намалува физичките и когнитивните перформанси, што на крајот резултира со намалени работни часови и со намалено производство, посебно во секторите, како градежништво, транспорт и туризам, кои се зависни од временските услови.

Жешките лета се предизвик за долги суши, што влијае врз земјоделското производство, го зголемуваат ризикот од пожари, го влошуваат квалитетот на воздухот и ги оптоваруваат електричните мрежи поради зголемената потрошувачка за ладење на објектите.

Овие симптоми во Македонија со зголемен интензитет ги гледаме во последните 10 години, а ако се додаде фактот дека голем дел од нашата инфраструктура е изградена во средината на 20 век и е веќе амортизирана, тогаш може да се заклучи дека ние како општество, кое не презема никакви чекори, итаме кон тоа да имаме 60-тина, наместо 25 како досега, жешки денови во просек.

АЛАРМ ЗА СКОПЈЕ

 Според извештајот на Светска банка, бројот на топли денови во големите градови би можел да се зголеми повеќе од трипати до 2050 година. Анализата спроведена со користење на најсовремени проекции на климатски модели за 222 градови покажува дека сите градови (освен Гдањск и Бидгошч во Полска) ќе доживеат повеќе од 40 до 70 дополнителни топли денови годишно, во споредба со историските основни вредности, особено во Јужна Европа и во Турција.

До 2100 година, екстремните топлотни бранови ќе станат нова нормала за многу градови низ Европа и Централна Азија. Се предвидува дека речиси 70 проценти од урбаните центри во регионот ќе се соочат со барем еден силен топлотен бран годишно. Во една третина од овие градови, особено во Западен Балкан, Источна и Јужна Европа, Турција и Централна Азија, се очекува екстремни топлотни бранови да удираат секоја година, кои ќе траат до два месеца и ќе достигнат врвни температури 4 Целзиусови степени повисоки од денес.

Смртните случаи поврзани со топлината би можеле нагло да се зголемат без адаптација – двојно или тројно зголемување во многу градови. Според сценариото со умерени емисии, градови како Букурешт, Атина и Истанбул, би можеле да доживеат повеќе од 10.000 кумулативни смртни случаи поврзани со топлината до 2050 година – број на смртни случаи што ја става екстремната топлина на исто ниво со пошироко признаените предизвици за јавно здравје, како што се сообраќајните несреќи.

Со продолжувањето на растот на температурите, се очекува топлотните бранови низ Европа и Централна Азија да станат почести и потешки, претставувајќи ескалирачки закани за здравјето на луѓето, економската продуктивност и виталната инфраструктура. Во градовите, населбите што се веќе потопли поради локализирани фактори непропорционално ќе се соочат со товарот на растечките глобални температури.

Во Скопје и скопскиот регион, моделирањето спроведено за оваа студија покажува дека ноќните температури во урбаното јадро, односно во центарот, ги надминуваат оние во блиската рурална средина за 4,7 Целзиусови степени. Високите ноќни температури придонесуваат за здравствени ризици, со тоа што ги спречуваат луѓето да спијат и да го разладат своето тело.

Централните делови на Скопје веќе доживуваат околу две недели годишно топли ноќи – дефинирани како оние кога температурите не паѓаат под 25 Целзиусови степени. Ова е двојно повеќе од позелените населби, а моделирањето на климата сугерира дека бројот на топли ноќи во Скопје би можел речиси да се удвои до 2050 година, односно Скопје да има 31 жешка ноќ во една година (над 25°C).

РИЗИК ОД ПОГОЛЕМА СМРТНОСТ

Слично на тоа, деталното моделирање на климата потврдува дека централните населби веќе почесто доживуваат услови на топлотни бранови. Деновите со топлотен бран се утврдени според оваа методологија: годишен број на денови каде што температурите го надминуваат 95-от перцентил на историски референтен период (2001-20) најмалку три последователни дена.

Според тоа, до 2050 година или за 25 години отсега, бројот на денови со топлотен бран годишно би можел да се зголеми за 60 проценти, на повеќе од 40 годишно.

Сценариото на експертите вели дека потенцијалните потреби за енергија за ладење ќе бидат зголемени за 52 отсто. Од 7.100 Целзиусови степени,  колку што е во моментов потребата за ладење, ќе имаме зголемување на 10.970 Целзиусови степени што треба да се изладат.

Потребите за ладење се пресметуваат со споредување на надворешните температури со референтна точка што ја претставува внатрешната термичка удобност. Потребата за ладење за секој период се множи со должината на периодот. Оваа метрика ја опфаќа проектираната побарувачка за енергија предизвикана од температурните ефекти, игнорирајќи го растот предизвикан од зголеменото усвојување на климатизацијата.

Прогнозата вели дека ќе имаме и 60 проценти повисок ризик од смртност кај постарите лица над 65 години.

Економските загуби од екстремната топлина би можеле да достигнат 2,5 проценти од БДП до средината на векот во делови од регионот.

Само загубите на продуктивност би можеле да го намалат БДП до 1,3 проценти во Македонија, Албанија и Таџикистан, при што урбаните средини ќе бидат најтешко погодени. Според сегашната стапка на раст на БДП, тоа би било половина од растот, или од вкупно 14,6 милијарди бруто домашен производ, загубите од продуктивност би изнесувале околу 200 милиони евра.

Најпогодените земји – Кипар, Грција, Бугарија и Турција – би можеле да видат загуби на БДП од 2 до 6 проценти во следните децении.

Анализа на Меѓународната организација на трудот (МОТ) покажа дека топлината почнува да влијае врз продуктивноста на работниците на 26 Целзиусови степени WBGT, а ефектите се забрзуваат на 33–34 Целзиусови степени WBGT, кога 50 проценти од продуктивноста се губи во физички активности со среден интензитет. Ниту една задача не може безбедно да се изврши над 38 Целзиусови степени WBGT во отсуство на мерки за адаптација, а здравјето на работниците е сериозно изложено на ризик.

ИНФРАСТРУКТУРА ПОД ПРИТИСОК

 Инфраструктурата е особено ранлива на зголемувањето на температурите и зголемената фреквенција, интензитет и времетраење на екстремните топлотни настани. Тоа се должи на нејзиниот долг век на траење, високите трошоци за замена и меѓузависната природа.

Високите температури можат да предизвикаат омекнување на асфалтот, што доведува до бразди и дупки. Тоа, не само што го влошува квалитетот на патот, туку и ги зголемува трошоците за одржување и претставува опасност по безбедноста.

Челичните шини на пругите се шират при екстремна топлина, што може да доведе до свиткување на шините. Ваквите деформации бараат ограничувања на брзината и можат да предизвикаат прекини во услугата што во Македонија се чести. Секое лето возовите доцнат по неколку часа, а товарните возови, кои се бројат на рака, не стигнуваат навреме до дестинацијата затоа што поради ширењето се случува да излета по некој вагон.

Прегревањето влијае врз перформансите на автобусите и возовите, што доведува до механички дефекти и непријатност за патниците.

Хидроенергијата, иако е клучен извор на чиста и сигурна електрична енергија, е многу подложна на екстремна топлина и суша, кои често се јавуваат заедно. Високите температури го намалуваат капацитетот на далноводите и ги зголемуваат загубите на линиите во време кога побарувачката за електрична енергија е во пораст, особено за ладење. Трансформаторите и трафостаниците се, исто така, ранливи; покачените температури можат да ја намалат нивната ефикасност и животен век, што доведува до потенцијални дефекти.

Термоцентрали, како РЕК Битола, кои се потпираат на вода за ладење, се соочуваат со предизвици бидејќи повисоките температури на воздухот и водата ја намалуваат ефикасноста на ладењето.

Дополнително, соларните фотоволтаични (PV) системи доживуваат намалена ефикасност на повисоки температури, при што производството на енергија потенцијално се намалува за 0,3–0,5 проценти за секој степен над 25 Целзиусови степени. Системите за складирање енергија, како што се литиум-јонските батерии, исто така работат помалку ефикасно во топли услови.

За време на топлотните бранови, прекините на испорака на електричната енергија можат да го нарушат функционирањето на системите за пумпање вода, да го нарушат градскиот превоз и да го компромитираат работењето на болниците во критични времиња.

ЗГРАДИ ШТО ЗАДРЖУВААТ ТОПЛИНА

Зградите низ регионот се сè повеќе ранливи на екстремна топлина. Постарите згради во цела Македонија се дизајнирани за постудени клими и се лошо опремени за справување со зголемените температури. Лошата изолација, недостигот од вентилација и материјалите што апсорбираат топлина, придонесуваат за внатрешно прегревање, а панелното домување, кое често користи бетонски асфалтни материјали како азбест, ја задржува топлината во лето.

Во последните 15 години, во Скопје се случува градежен бум со изградба на згради што не можат да „дишат“ поради краткото меѓусебно растојание.

Имаме густо изградени населби со ограничена покривка од дрвја или зелени површини, дизајнот на зградите предизвикува ефект на урбан топлотен остров. Зградите користат навидум изолациски материјали, кои не треба да го загреваат домот, но блискоста на бетонот влијае врз зголемувањето на просечната температура. Згора на тоа се сечат и дрвјата меѓу зградите за да се доградат паркинзи, и тоа дополнително влијае врз растот на топлината.

Градовите, вклучително и Скопје, сè уште не се подготвени. Додека 87 проценти од земјите во регионот имаат некаков вид систем за предупредување од топлина, само 28 проценти имаат сеопфатни акциски планови за здравје од топлина.

Македонија има само акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Северна Македонија, кој го изработи Министерството за здравство за периодот од 2025 до 2050 година, но тоа се само препораки и протоколи што да се преземе ако имаме жешки долги лета во здравствени и во образовните установи.

ШТО ДА СЕ ПРЕЗЕМЕ?

Извештајот на Светска банка открива дека навремените инвестиции во урбано ладење, отпорна инфраструктура и здравствена подготвеност можат да спречат до 80 проценти од проектираните смртни случаи поврзани со топлината и да ги преполови загубите на продуктивност. За секое евро инвестирано во адаптација на топлината, придобивките се движат меѓу 2 и 20 евра.

Поладни урбани простори: градовите, како Скопје, мора да инвестираат во урбано зеленило, во големи размери, дизајн чувствителен на климатските промени и реновирање згради за пониски амбиентални и внатрешни температури.

За да се справат со овие нееднаквости и да го зголемат влијанието, експертите препорачуваат градовите да усвојат долгорочни стратегии за зеленило поддржани од наменски буџети и политички обврски.

Практична почетна точка е таканареченото „правило 3–30–300“. Секој жител на градот треба да види најмалку три дрвја од својот дом, да живее во населба со 30 проценти покривка на крошна и да биде на растојание од 300 метри од јавен зелен простор. Овие цели можат да се прилагодат на локалните услови и да се вградат во плановите за урбан развој.

За да успее, урбаното зеленило мора да биде стратешко и одржливо. Градовите треба да развијат 10-20-годишни генерални планови што го поврзуваат зеленилото со просторното планирање, користењето на земјиштето и стратегиите за прилагодување кон климата. Овие планови треба да постават реални цели за садење и одржување, да ги идентификуваат приоритетните населби врз основа на изложеноста на топлина и празнините во пристапот и да ги идентификуваат потребите за ресурси.

Пример за тоа е проектот „Визија Љубљана 2025“. Љубљана се соочуваше со сериозни ефекти на урбан топлински остров и загадување. Во 2007 година, словенечкиот главен град ја почна стратегијата „Љубљана 2025“, која стави акцент на зелената и сината инфраструктура, кулминирајќи со еколошка зона од 100.000 квадратни метри во центарот на градот.

Од 2010 година засадени се над 40.000 дрвја. Зелениот простор сега покрива 75 проценти од градот, а моторизираниот сообраќај е отстранет од поголемиот дел од центарот, подобрувајќи ја термичката удобност и квалитетот на воздухот.

Развојот даде приоритет на неразвиените локации, вклучувајќи 120 хектари нови паркови. Напор од 20 милиони евра почнат во 2012 година ја ревитализираше реката Љубљаница и додаде пешачки мостови, зголемувајќи ја поврзаноста и условите за живеење, а воедно ја подобри и термичката удобност за жителите на градот.

Друг пример што треба да го следи Скопје е „Орбиталната шума во Тирана“. Температурните разлики низ албанскиот главен град можат да надминат 4,3 Целзиусови степени во топлите денови.

Орбиталната шума – зелен појас што го опкружува градот – е централен дел од оваа визија. Таа беше замислена за да го ограничи ширењето на урбаните средини, да спречи сеча на шумите и да го олади урбаниот раб. Планот предвидува 2 милиони нови дрвја до 2030 година; до 2019 година, веќе беа засадени повеќе од 300.000. Шумата формира линеарен парк од 50 квадратни километри околу урбаното јадро, заштитувајќи 1.100 квадратни километри јавно земјиште и поврзувајќи 14.000 хектари паркови, полиња и шуми.

„СВ.ЈОВАН БИГОРСКИ“ КАКО ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР

Светска банка, како пример, го посочува и нашиот манастир „Свети Јован Бигорски“, како одржливо решение и пример како се лади урбаниот простор со вкрстена вентилација.

„Манастирот „Свети Јован Бигорски“ во Маврово, Северна Македонија, користи покривни натстрешници и мали прозорци за да ги одржува фасадите ладни, а потоа ги отвора горните катови со големи отвори за да се поттикне вкрстена вентилација од ветровите над шумата“, пишуваат експертите.

СИСТЕМИ ЗА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Системите за рано предупредување и одѕивните јавни здравствени услуги се од клучно значење за намалување на смртните случаи што може да се спречат. Ранливите популации, особено постарите возрасни лица, работниците на отворено и луѓето што живеат во домување со низок квалитет – бараат насочена заштита, вклучувајќи центри за ладење, заштитни мерки за работа и пристап до информации и услуги. Подготвеноста за здравје при топлина мора да стане постојан дел од националните и општинските здравствени системи.

Прилагодување на инфраструктурата за потопло време: инфраструктурните системи – енергетика, транспорт, згради, училишта и дигитални мрежи – се директно погодени од топлината и мора итно да се надградат. Термичкиот стрес ги деградира патиштата, железниците и енергетските мрежи, додека преоптоварувањето на побарувачката за ладење се заканува со прекини во електричната енергија. Реновирањето на училиштата, болниците и станбениот фонд за пасивно ладење; користењето материјали отпорни на топлина; и интегрирањето обновливи, дистрибуирани енергетски системи може значително да ја зголеми отпорноста.

10 СТРАТЕШКИ АКЦИИ

Овој извештај ги мапира 10-те стратешки акции на нивото на влада, која е најдобро позиционирана да ги води и ги идентификува другите клучни засегнати страни. Националните влади мора да постават стандарди, да финансираат инфраструктура отпорна на топлина и да ги заштитат работничките права. Другите акции се хиперлокални: општините мора да дизајнираат јавни простори за сенка, да управуваат со системи за рано предупредување и да реновираат училишта и болници. Низ целиот панел, јасноста на улогите, усогласувањето на стимулациите и конзистентното финансирање се од клучно значење.

Назначувањето јасни институционални лидери, како што се главни службеници за топлина или меѓуагенциски работни групи, може да ја подобри координацијата, да обезбеди одговорност и да ја подигне топлината како клучно прашање на урбаната политика.

Текстот е објавен на 3 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.552.

Слични вести