Црна Гора затвора пет поглавја до крајот на годината

by irena 12:02
12:02

Црна Гора направи крупен чекор напред кон полноправното членство во Европската Унија. По директната дипломатска интервенција и разговорот меѓу црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и францускиот претседател Емануел Макрон, отстранети се и последните пречки за затворање на дури пет преговарачки поглавја до крајот на оваа година.

Официјализирањето на овој успех ќе се случи на Меѓувладината конференција закажана за вторник, а финалната церемонија ќе се одржи на 16 декември во Брисел, каде Спајиќ ќе застане рамо до рамо со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и новата комесарка за проширување, Марта Кос.

Клучниот момент во овој процес беше промената на ставот на Париз. Иако Франција првично го блокираше затворањето на поглавјата за земјоделство и рибарство на седницата на Работната група на Советот на ЕУ (COELA), интензивната дипломатска офанзива на црногорскиот државен врв вроди со плод.

Покрај Спајиќ, и претседателот Јаков Милатовиќ комуницирал со францускиот државен врв, што резултираше со повлекување на резервите и давање согласност за целиот пакет.

Министерот за земјоделство, Владимир Јоковиќ, истакна дека државата ги исполнила сите технички услови:

„Го сработивме и исполнивме сѐ што бараше Европската комисија“, дециден е Јоковиќ.

На претстојната конференција, Црна Гора ќе стави „ад акта“ пет значајни области:

Поглавје 3: Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги;
Поглавје 4: Слободно движење на капитал;
Поглавје 6: Право на трговските друштва;
Поглавје 11: Земјоделство и рурален развој;
Поглавје 13: Рибарство.

Со овие пет, актуелната Влада ќе има затворено вкупно девет поглавја во својот мандат. Црна Гора влегува во 2026 година со вкупно 12 затворени поглавја.

Целта е до 2026 година да се затворат над 20 поглавја, а до крајот на 2028 година земјата да стане полноправна членка на ЕУ.
Вреди да се напомене дека Црна Гора ги исполнила условите и за Поглавјето 31 (Надворешна и безбедносна политика), но одлуката е одложена на барање на Хрватска.

Слични вести