Цана: Тројца од петмината тешко болни од западнонилска треска се тргнати од респиратор и очекуваме да се опорават

by irena 15:50
15:50

Тројца од петтемина пациенти со западнонилска треска кои беа во критична состојба на Клиниката за инфективни болести се извадени од респиратор, а нивната здравствена состојба е значително подобрена.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, информираше дека се очекува пациентите да продолжат со закрепнувањето, иако, како што нагласи, станува збор за динамичен процес и нивната состојба и натаму внимателно се следи.

– Од петте пациенти кои беа со тешка клиничка форма, тројца се екстубирани. Кај нив клиничката слика е значително подобрена и очекуваме брзо да бидат опоравени. Сепак, станува збор за динамичен процес и ова е состојбата во моментот – рече Цана.

Двајца пациенти и натаму се во критична состојба и се приклучени на респиратор. Според Цана, нивната здравствена состојба останува мошне тешка.

Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 19 пациенти, а останатите, освен двајцата во критична состојба, се во добра здравствена состојба.

Цана информираше и дека досега 28 пациенти кои се лекувале од западнонилска треска на Инфективната клиника се излекувани и пуштени на домашно лекување.

Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, на денешната прес-конференција оцени дека епидемиолошката состојба со западнонилската треска во земјава се смирува. Според него, преземените мерки и засилената координација меѓу Министерството за здравство, здравствените институции и општините даваат резултати.

– Во земјава досега се потврдени вкупно 53 случаи на западнонилска треска, а има уште двајца пациенти кај кои сè уште не е потврдено присуството на вирусот Западен Нил. Податоците покажуваат дека просечното времетраење на болничкото лекување изнесува две недели, а најкраткиот период до испис бил осум дена – рече Клековски.

Тој додаде дека здравствените власти континуирано ја следат епидемиолошката состојба и дека координираното постапување на централно и локално ниво придонесува за нејзино стабилизирање.

Слични вести