Поминаа 13 години откако ноќта меѓу 26 и 27 март 2013 година, во сообраќајна несреќа на влезот во Скопје, кај населбата Хиподром, трагично загина основачот, сопственик и главен и одговорен уредник на „Фокус“ – Никола Младенов, кој остави длабока трага во македонското новинарство.
„Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема компромис“ – оваа порака на Младенов напишана во првиот број на дневниот весник „Фокус“, кој се појави на медиумскиот пазар во 2011 година, остана да ечи во јавноста до ден денес, како потсетник дека борбата за слобода никогаш не завршува.
Како врвно новинарско перо, Младенов изгради идентитет на критичар на секоја власт и на секоја структура каде што е сконцентрирана моќ. Притоа, успеваше да урива предрасуди и табуа, да отвора дотогаш „забранети теми“, поради што често го брануваше македонското ортодоксно општество.
Младенов во едно од своите гостувања на телевизија „Алсат“ тврдеше дека власта во една земја, без разлика која е, е најодговорниот субјект за случувањата во државата.
„Ние имаме сега власта која има двотретинско мнозинство, а не може да изменаџира банални проблеми. Нашата актуелна власт мисли дека демократијата почнува, се исцрпува и завршува со денот на гласањето. Вие денеска гласавте и ќе молчите четири години. Знаете ли вие кога е одржан последниот дуел во Македонија, меѓу Црвенковски и Кедев и тоа 2004 година. Ако тоа воопшто може да се нарече дуел. Ние имаме владејачка гарнитура, имаме премиер, кој апсолутно не чувствува никаква потреба воопшто да разговара со опозицијата, односно со некој што размислува поразлично од него“, тврдеше Младенов во само дел од интервјуто пред повеќе од 17 години.
За време не долгогодишната импозантна кариера, тој остана бескомпромисен во исполнувањето на вредностите за медиумски плурализам, за афирмација на обесправените жртви на системот, како и за темелна опсервација на политичките, економските и други центри на моќ и влијание.
Почетоците во новинарството Младенов ги прави во „Млад борец, кој беше предвесник на новинарската пролет во Македонија. Прво почна како новинар, па заменик на главниот уредник и кон крајот на 1980-тите станува главен уредник. По „Млад борец“, тој го основа радиото „Либертас“.
Во 1995 година, почнува со издавањето на неделниот весник „Фокус“, како прв слободен и независен неделник во земјава. Со логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и надворешниот непријател“, „Фокус“, под водство на Младенов, станува еден од главните столбови на новото време.
Сепак, една година пред неговото трагично загинување, тој во едно од своите последни интервјуа за ТВ24 го покажува своето големо разочарување од состојбите во медиумите, тврдејќи дека состојбата е до толку лоша што ти иде да кажеш гитла од професијата.
„Фокус е активен до ден денес, откако во меѓувреме почна да излегува со новото мото – „Читајте Фокус за нештата да станат појасни“. За време на овие цели 3 децении, публикува новинарски анализи од политичкиот и од економскиот живот, авторски колумни за разни општествени теми, истражувачки стории за корупција, судир на интереси, трговија со влијание и злоупотреби.
Во 2015 година, редакцијата на „Фокус“ отвори и електронски медиум под истиот бренд, во кој публикува онлајн-архива на текстови на неделникот, но и дневни информации и приказни поврзани со политичките и со општествените актуелности, вести од светот и од спортот, лајфстајл и сатирични содржини итн.
По смртта на Младенов, една од најпрестижните новинарски награди во државава за истражувачко новинарство на Македонскиот институт за медиуми го носи неговото име, а со неа успеале да се закитат и новинари на „Фокус“, кои се обидуваат да ја продолжат неговата мисија.