Трговска војна на Трамп ги тресе светските берзи

by irena 09:04
09:04

На светските берзи минатата недела се тргуваше со несигурност, бидејќи претседателот на САД,  Доналд Трамп, го заостри трговскиот војна со најава за зголемување на царините за некои од најголемите трговски партнери од 1 август.

На Вол Стрит минатата недела Dow Jones ослабе за 1% и падна на 44.371 поен, додека S&P 500 се намали за 0,3% на 6.259 поени, а Nasdaq индексот падна за 0,1% на 20.585 поени. Овие индекси силно осцилираа во текот на неделата, главно поради несигурноста на пазарите како резултат на новиот бран царини кои ги покрена Трамп.

Во понеделник, тој најави дека од 1 август ќе воведе царини на увоз од 14 земји, меѓу кои Јужна Кореја и Јапонија, а во среда најави царини и за уште седум земји, како и 50% царини за Бразил.

Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, веднаш најави воведување реципрочни царини за увоз на американска стока. Кон крајот на неделата, Трамп најави и 35% царини на канадски производи, како и 50% царини за увоз на бакар.

Сепак, пазарите повеќе не реагираат толку бурно на вестите за царини како што беше на почетокот на април, кога Трамп најави реципрочни мерки. Во меѓувреме, се покажа дека Трамп често ги одложува царините, продолжува со преговори, се заканува со нови мерки – па потоа се повлекува.

Во средината на неделата, индексите S&P 500 и Nasdaq достигнаа нови рекордни нивоа, но тоа главно се должи на растот на акциите на неколку технолошки гиганти, како што е Nvidia.

Слични вести