По две години власт на ВМРО-ДПМНЕ, животниот стандард на граѓаните не е подобрен, туку е намален, оцени пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска.
На прес-конференција таа изјави дека не се реализирале ветувањата за повисоки плати, подобар животен стандард и поголема поддршка за социјално ранливите категории граѓани.
„Единствено што забрзано расте во изминатите две години се цените, трошоците за живот и сиромаштијата. Македонскиот работник живее потешко, социјално ранливите граѓани се заборавени, а пензионерите се изманипулирани“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ветувала инфлација од 2,5 проценти, додека според неа актуелната инфлација изнесува 4,8 проценти и е речиси двојно повисока од најавеното ниво.
Од СДСМ оценуваат дека економските политики на Владата не ги дале очекуваните резултати и дека граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци и намалена куповна моќ.