Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека на Техеран му истекува времето за постигнување договор и дека американската флота во близина на Иран е подготвена брзо да ја изврши мисијата.
„Времето истекува, тоа е навистина од суштинско значење! Како што еднаш му реков на Иран, НАПРАВЕТЕ ДОГОВОР! Тие не го сторија тоа, а имаше операција „Полноќен чекан“ и големо уништување во Иран“, напиша Трамп на социјална мрежа.
Американскиот претседател додаде дека американската флота, предводена од носачот на авиони „Абрахам Линколн“, е поголема од онаа што беше испратена на мисијата за апсење на поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и дека е „подготвена и способна“ да ја изврши мисијата „брзо и насилно“, доколку е потребно.
„Се надеваме дека Иран брзо ќе седне на преговарачка маса и ќе преговара за фер и правичен БЕЗНУКЛЕАРЕН договор, таков што е добар за сите страни… Следниот напад ќе биде многу полош! Не дозволувајте да се случи повторно. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“, напиша Трамп.