Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изрази верување дека наскоро може да се постигне договор за прекин на војната во Иран и ја повика групата Хезболах поврзана со Техеран да го запре притисокот, бидејќи стапи на сила 10-дневното примирје меѓу Либан и Израел, објави Ројтерс.
Доналд Трамп рече дека следниот состанок меѓу САД и Иран може да се одржи во текот на викендот и дека продолжувањето на двонеделното примирје е можно, но можеби нема да биде потребно бидејќи Техеран сака договор.
„Ќе видиме што ќе се случи. Но, мислам дека сме многу блиску до постигнување договор со Иран“, им рече тој на новинарите пред Белата куќа, додавајќи дека ако се постигне договор и се потпише во пакистанскиот главен град Исламабад, тој би можел да оди таму во таа пригода.
Часови подоцна, додека беше во Лас Вегас, Трамп отиде чекор понатаму, велејќи дека војната „треба да заврши многу наскоро“.
Војната со Иран е непопуларна во САД и му остави на Трамп политичка главоболка само неколку месеци пред клучните среднорочни избори, пишува Ројтерс.
Нападот на САД и Израел врз Иран, кој започна на 28 февруари, предизвика најлош шок кај цените на нафтата во историјата и доведе до намалување на рејтингот на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија и предупредувања дека продолжениот конфликт би можел да го доведе светот на работ на рецесија.
Пакистански извор вклучен во посредништвото меѓу САД и Иран во петокот изјави дека е постигнат напредок во тајната дипломатија и дека претстојната средба меѓу двете страни би можела да резултира со потпишување на договор.
Двете страни прво ќе потпишат меморандум за разбирање, а потоа и сеопфатен договор во рок од 60 дена, рече изворот.
„Деталниот договор ќе биде објавен подоцна. Двете страни се согласуваат во принцип. А техничките делови ќе бидат објавени подоцна“, рече изворот, зборувајќи под услов да остане анонимен, пренесува Ројтерс.
Дипломатски извор рече дека клучниот посредник на Пакистан, началникот на армијата, фелдмаршалот Асим Мунир, од среда одржува разговори во Техеран и постигнал напредок во решавањето на „тешките прашања“.