Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не постигнал никаков напредок за време на телефонскиот разговор за Украина со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој додаде дека, освен за Украина, со Путин разговарал и за Иран, чии претставници, рече тој, се подготвени да разговараат, пренесува Ројтерс.
Во разговор со новинарите во воздухопловната база Ендрус, Трамп рече дека неговата администрација ќе почне да испраќа писма до земјите насочени кон зголемени тарифи за да ги идентификува тарифните стапки со кои ќе се соочат за увоз во Соединетите Држави.
Трамп рече дека очекува да потпише „неколку други договори“ покрај трговскиот договор објавен во среда со Виетнам.
Американскиот претседател, исто така, објави дека ќе го потпише „големиот прекрасен закон“ за буџетот, кој претходно го усвоија републиканците во Претставничкиот дом.