Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека постојат неколку опции во однос на војната со Иран, меѓу кои и долгорочен обид за „преземање“ на земјата.
„Можам да одам долго и да ја преземам целата работа, или да ја завршам за два или три дена и да им кажам на Иранците. Се гледаме повторно за неколку години, ако почнете да ги обновувате ‘нуклеарните капацитети на земјата’“, изјавил тој во петминутно интервју за американскиот портал „Аксиос“.
Претседателот на САД, исто така, навел дека на Иран ќе му бидат потребни неколку години да заздрави од заедничкиот американско-израелски напад, што уследи по неуспешната трета рунда преговори за нуклеарната програма на Техеран, што неделава се одржа во Женева.
Трамп изјавил и дека Иран започнал со обнова на некои од нуклеарните објекти што беа цел на американски напади минатата година, и за кои тој тогаш тврдеше дека се уништени.
„Од тоа заклучив дека тие навистина не сакаат договор“, рекол тој.
Во интервјуто тој не дал конкретен временски рок до кога би траела офанзивата, и кажал дека тоа ќе зависи од настаните на терен, како и од судбината на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Американскиот претседател рекол дека имал одличен разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по нападите, додавајќи дека и двајцата биле на иста бранова должина.
Претходно, во телевизиско обраќање, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, сугерира дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамние е убиен во денешните напади. Иако беше најавено негово обраќање, ајатолахот се нема појавено откако започнаа нападите, а сателитските снимки што беа објавени покажуваат дека комплексот од неговата резиденција во Техеран е тешко оштетен уште во првиот бран од заедничките американско-израелски напади.